Возач на училишен автобус со месеци штедел за да им купи подароци на децата

Куртис Џенкинс од Тексас очигледно добро го знае вистинското значење на божиќните и новогодишните празници, исто како што знае и како е да живееш скромно. Се сеќава како баба му знаела за Нова година да подари украсно спакувани пар чорапи, „а кога ќе дојде денот да одиш со скинати чорапи во школо, тој пар ти значи многу“, вели Џенкинс.

Па така, ден пред да почне божиќниот распуст во основното училиште Lake Highlands, Џенкинс го наполнил автобусот со подароци за сите ученици, секој од нив посебно и внимателно спакуван во украсна хартија.

„Секое дете го прашал што сака за Божиќ и секому поединечно му купил подарок“, објавија од училиштето на својата Фејсбук страна, повикувајќи ги и другите да учат од гестот и да „бидат малку повеќе како Куртис“.

Сопругата на Џенкинс раскажува дека со месеци размислувал како да ги израдува децата. Прво сакал да им организира меѓусебна размена на подароци, но сопругата го потсетила дека можеби не секое дете ќе може да си дозволи. Тогаш Куртис решил тој самиот да ги купи подароците.

Прочитајте и:  Штип одвои 1 милион денари за „Кристмас маркет“

Последните неколку месеци Куртис двоел по дел од парите од секоја своја плата. На крајот успеал да купи видео игри, мп3 плеери, па дури и велосипед. 11-годишниот Итан Ингл, на пример, од Џенкинс добил пар слушалки во својата омилена боја, кои многу му се допаднале.

Приказната е уште поубава затоа што дел од родителите на децата, кога слушнале за намерата на Куртис, и самите учествувале во финансирањето. Заедно со останатите родители, училиштето, но и целата локална заедница, биле воодушевени од неговиот гест, особено што знаат колкава може да е платата на еден возач на школски автобус.

 

 

- Реклама -