Возач на автобус ги избркал сите патници зашто не му помогнале на човек во инвалидска количка

Франција има нов херој. Возач на градски автобус во Париз стана ѕвезда на социјалните мрежи откако неодамна ги избркал сите патници од автобусот, незадоволен од тоа што ниту еден од нив не се потрудил да му помогне на патник во инвалидска количка да се качи во автобусот, пренесува France info.

Видно лут што никој не сакал да се помести од рампата за инвалиди, возачот станал и им рекол на патниците дека тоа е последната станица, па ги замолил да излезат од автобусот. Потоа му помогнал на човекот во инвалидска количка, кој бил придружуван од брат му бидејќи бил парализиран од мултиплекс склероза, да се качи во автобусот, по што продолжил да вози со само тие двајца патници, оставајќи ги останатите на станицата да го чекаат следниот автобус.

Дел од истераните патници реагирале со незадоволство, ама патникот во количката, чија реакција веројатно му е многу поважна на возачот, ама и на јавноста, вели дека бил трогнат од гестот, особено од образложението на возачот – дека секому може да му се случи еден ден да мора да користи инвалидска количка.

Нешто подоцна, во една кратка изјава, анонимниот возач дополнително ги освои срцата на Французите, кога на прашањето дали неговата емпатија можеби потекнува од тоа што можеби некој во неговото семејство е во инвалидска количка, тој го одговори следново: „Не. Се работи само за тоа да се биде малку цивилизиран“.

- Реклама -