Њу Делхи бележи највисоки нивоа на аерозагадување во последниве 20 години, а на 23. декември го достигна највисокото ниво годинава, со индекс на квалитетот на воздухот – кој мери сулфур диоксид, јаглероден моноксид и азот диоксид – од 450.
Индиските власти ги затворија училиштата и воведоа вонредни мерки против загадувањето. Меѓу нив се: одземање на дозволите за автомобилите кои користат дизел гориво, стопирање на сите градежни проекти, но и полевање на улиците со вода – за да се задржи правта и штетните честици залепени за улиците и да се спречи нивно кревање во воздухот.
Истовремено, властите ги ангажираа и пожарникарите да прскаат вода од висококатниците, од една страна за да се потиснат штетните честици во воздухот, но и за да гасат запалени контејнери или огнови со кои сиромашните се греат палејќи токсични материјали.
Воздухот во Њу Делхи е до толку токсичен што е непоимливо за еден човек да замисли, а апаратите и мерните инструменти веќе не можат ни да го измерат, велат локални експерти.
Воздухот почна да се подобрува на 26 декември кога се зголеми брзината на ветрот, но нивото на ПМ2.5 честици – кои се особено опасни за белите дробови, денеска достигна 320 микрограми на метар кубен – што е повеќе од 13 пати од „препорачаното“ ниво од Светската здравствена организација.
Главни виновници за загадувањето на воздухот во Индија се возилата кои користат дизел гориво, енергетските централи кои работат на јаглен, но и палење на полињата, т.е. горење на агрикултурен отпад и биомаса.