„Волстрит журнал“: Украина загубила еден од ловците Ф-16 што ги доби од западните сојузници

Според првичните извештаи, авионот не бил соборен, туку се урнал најверојатно поради грешка на пилотот, пишува весникот, повикувајќи се на неименуван владин извор. За инцидентот, како и за состојбата на пилотот сè уште нема потврда од украинските воздухопловни сили

Украинската армија во понеделникот загубила еден од американските борбени авиони од типот Ф-16, кои ѝ беа испорачани од западните сојузници во последните недели, пишува американскиот весник „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal), повикувајќи се на неименуван владин извор.  

Борбен авион Ф-16 / Фото: EPA-EFE/JAKUB KACZMARCZYK POLAND OUT

Според информациите на весникот, авионот бил уништен откако се урнал.  

Инцидентот се случил за време на масовниот руски напад во понеделникот, оваа недела. Според првичните извештаи, тој не бил соборен, туку се урнал најверојатно поради грешка на пилотот, рекол функционерот, пишува весникот. 

За несреќата, како и за состојбата на пилото сè уште нема потврда од украинските воздухопловни сили.  

Извори во Киев велат дека во инцидентот загинал пилотот Олексиј „Мунфиш“ Мес, кој бил во групата од само шест украински пилоти кои ја завршиле интензивната обука за управување со авионите Ф-16. 

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, неделава изјави дека Украина за прв пат ќе ги користи овие авиони во борба, за да гаѓаат руски ракети за време на нападите.  

Инаку, западните сојузници досега ѝ ветија на Украина околу 80 од овие борбени авиони. 

Киев се надева дека модерните западни авиони ќе им дадат предност на нивните сили на бојното поле, особено во соборување на руските ракети и заштита на трупите на првата борбена линија. 

- Реклама -