Познатиот македонски пијанист Дино Имери ќе одржи концерт инспириран од шпанската, но и светска класична музичка традиција. Имери пред публиката излегува со атрактивна програма во која ќе бидат интерпретирани дела од Мануел Де Фаља, Фредерико Момпу, Морис Равел. Посетителите ќе можат да уживаат и во особено виртуозните и спектакуларни дела „Кармен“ и „Шпански валцер“ од Жорж Бизе, во аранжмани на Владимир Хоровиц и Аркадиј Володос.
Концертот ќе се одржи в среда, 17 мај 2023 година во големата сала на Македонската филхармонија во 20 часот.
Имери е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. Настапувал во Австрија (турнеја во Палата „Естерхази“, „Liszt-Zentrum“, J. Haydn Kons), Италија (Рим, Бари), Франција (рецитално отворање на „Piano Plage Festival“, со оркестарот на Стразбуршката филхармонија), Хрватска (Загреб: „Ватрослав Лисински“, Дубровник: Epidaurus Festival), Србија (“Коларац”, Галерија „Artget“ – Белград), Бугарија(со Софиската филхармонија).
Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои „Dino Imeri LIVE“ (2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) и др. Имери бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар, балет и инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти како што беше и проектот „Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“. Како ценет професионалец, Имери е често пати член на меѓународни стручни комисии на престижни музички натпревари во регионот и Европа. Имери е и доцент на Факултетот за музичка уметност при УКИМ.