Градот Есен, Германија, реши да спроведе еден необичен проект. Целта е да се вклучат алкохоличарите и наркозависниците во чистењето на градските улици, притоа овозможувајќи им да се реинтегрираат во општеството. Учесниците во проектот ќе бидат платени со мала сума на плата, по час, и со бесплатно пиво!
Количината на пиво ќе зависи од индивидуалните потреби на партиципантите. Со други зборови, количините ќе бидат безопасни, а пиво ќе добиваат само оние на кои им е неопходно за да ја завршат работата.
Проектот нема врска со експлоатација на луѓето, а ни чистењето на улиците нема голема важност. Целата поента е да им се даде можност на овие луѓе да придонесат кон општеството, на начин на кој во обични услови тие не би се нафатиле. Наречен е „Pick up“ и достигна мошне голем успех во Амстердам.
Учесниците се луѓе на кои им е потребна структура на денот, за да можат да „застанат на нозе“.
До сега, проектот има 5 учесници. Еден од нив е алкохоличар во опоравување, Јурген. „Не го правам ова само заради пивото. Можам да најдам пиво и без помош. Можам да се опијанам кога ќе посакам. Но, ова е нешто што ми овозможува да им помогнам на луѓето околу мене, и ми дава шанса да му се оддолжам на мојот град“, вели тој. „Само сакам да направам нешто добро. Тоа е се. Можеби не изгледа така, но ова е многу тешко за мене“.
Јурген и неговите „колеги“ работат 4 часа дневно, со пауза за брз ручек, а потоа одат на дискусија во центарот за опоравување на алкохоличари, каде добиваат плата од 1.58 долари, од час, и до 3 шишиња пиво, ако за тоа се подобни.
Од друга страна, проектот наидува и на отпор кај некои од локалните зависници. Симон, наркозависничка што живее на улиците на Есен, објаснува: „Нема шанси овој проект да ги натера алкохоличарите помалку да пијат. Луѓето што висат овде се зависници, но не е само алкохолот. Многу од нас се наркомани. Хероин, кокаин, кристал, што и да наведеш, ќе најдеш луѓе овде што го користат“. Дискредитирајќи го проектот, таа објаснува: „Немам работа бидејќи не сакам да имам и се сомневам дека некој ќе сака да ме вработи во мојава состојба. Ама ќе работам во хуманитарен проект кој ме плаќа само едно евро на час и ќе правам будала од себе? Можам повеќе да заработам од просење, за 10 минути. И искрено, пиво тука чини 25 центи. Да ги чистам улиците за три пива? Нема шанси“.
Некои од локалните политичари исто така имаат што да кажат. Тие сметаат дека проектот би функционирал и ако не се нуди пиво како плата, алудирајќи на тоа дека истите тие алкохоличари потоа го пијат заработениот алкохол по улиците на градот.
Можеби се во право. Јурген, кој по работното време се дружи со Симон често може да се види како пие во јавност. Од друга страна, неговиот одговор е: „Што ми е гајле што мислат? Правам добро со тоа што ги чистам улиците. Ќе пијам и вака и онака. Вака барем имам на што да бидам горд на крајот на денот“.
И се чини дека има поента. Барем нешто добро произлегува од целата работа, и за нив, и за останатите.