Кога Лос Анџелес беше нападнат од НЛО

battle of LA

Во февруари 1942 година, Кати е млада успешна дама што се занимава со дизајн на ентериер и е барана од прилично многу холивудски ѕвезди. Живее во западниот дел на Лос Анџелес, недалеку од гратчето Санта Моника. По објавувањето на војна на Јапонија, меѓу жителите на Л.А. владее страв од напад од јапонски авиони. Кати, како и илјадници други, станува волонтер во локалната противвоздушна одбрана.

Но младава жена не ни претпоставува какво изненадување ја чека; нешто многу поголемо од јапонски воздушен напад. Но, да, нападот навистина доаѓа од небото. Кој тоа лебдеше над зградите на Лос Анџелес во далечната 1942 година до ден денес останува мистерија. Или барем така сакаат да го претстават американските власти, кои настанот ќе го обојат со боја на рутина, а сите детали остануваат „строго доверливи“.

Битката кај Лос Анџелес

Се случува рано утрото на 25 февруари во 1942 година, два и пол месеца по јапонскиот напад врз Перл Харбор (7 декември 1941 година) и влегувањето на САД во Втората светска војна. Надвор е уште темница, а Кати ја буди звонењето на телефонот. Ја бара одговорниот на противвоздушната одбрана во нејзиниот реон. Во тек е тревога и тој ја прашува дали го видела објектот на небото близу над нејзиниот дом. Кати оди до прозорецот и погледнува нагоре.

„Беше големо, всушност огромно. Практично беше точно над мојата куќа… Просто лебдеше таму на небото и воопшто не се движеше. Никогаш немав видено такво нешто во животот“, раскажува Кати подоцна.

Во склад со воздушната тревога, осветлувањето во целиот град е изгасено. Затоа Кати, како и стотици илјади жители на Лос Анџелес, може кристално јасно да го види небесниот посетител. „Беше бледопортокалово по боја, едно од најубавите нешта што сум ги сретнала. Го гледав многу добро, бидејќи беше многу близу“, раскажува тогаш младата Кати.

Рефлекторите на противвоздушната одбрана вече се фиксирале на непознатиот објект на небото и го следат, додека тој се движи сосема бавно. „Воените лица испратија авиони и јас ги набљудував како се приближуваат во групи кон непознатото нешто, а потоа се враќаат во спротивен правец. Отворија и оган кон него, но без никаков резултат“.

* * *

Ви звучи познато? Како да гледате сцена од Independence Day со Вил Смит, така? Само што, ова не е филм, туку вистински настан. Се случува пет години пред наводниот пад на НЛО во Розвел во Њу Мексико.

Многумина сметаат дека почетокот на ерата на НЛО-ата е 1947 година…

… кога пилотот Кенер Арнолд гледа десетина светлечки дискови над врвот Рејнијар во државата Вашингтон, а од неговото раскажување се раѓа терминот летечки чинии. Во 1942 година, од друга страна, илјадници го набљудуваат одблизу неидентификуваното летечко тело над Лос Анџелес. Настанот често се споменува во уфологијата како „Битката кај Лос Анџелес“, сметана за најсензационалниот и драматичен судир со НЛО регистриран досега.

Првите сирени рано утрото го будат целиот град. Радарите прикажуваат дека на небото се приближува неидентификувано летало. Многу наскоро, сите светла се изгасени во градот, кој тукушто разбуден, потонува во мрак. Рефлекторите на противвоздушната одбрана на 37 крајбрежна бригада почнуваат да шараат низ темното небо, и брзо го откриваат непоканетиот гостин. Тоа што го гледаат не е за верување – огромен непознат вселенски брод (или нешто слично на вселенски брод), кој лежерно лебди над градот. За неколку минути, цела Јужна Калифорнија е на нозе и гледа кон небото, кон тоа огромно нешто на кое се фокусирани рефлекторите. Најјасно се гледа од гратчињата Калвер Сити и Санта Моника, западно од Лос Анџелес.

Артилеријата отвара интензивен оган по непознатиот објект и очигледно е дека има многу директни погодоци, но објектот е неоштетен, практично недопирлив. Стрелбата трае 30 минути, а остатоците од муницијата паѓаат врз стотици домови, фирми, а и врз главите на луѓето. По половина час врз градот, непознатиот објект се повлекува, самоиницијативно, без никакви оштетувања. Од друга страна, според некои сведочења, шест лица загинуваат како последица на остатоци од канонадата. Повеќето податоци, пак, сведочат дека само двајца се ранети, а четворица други починале од срцев удар или во несреќа.

Целосното затемнување на градот трае од 2 часот и 25 минути ноќта, до 7 часот и 21 минута следното утро. Струјата е изгасена практично во целиот регион на Лос Анџелес, сé до границата со Мексико, и од брегот кон внатрешноста сé до долината Сан Хоакин. Што е исходот? Не се фрлени никакви бомби од небото, а нема ни ниту еден срушен непријателски авион – и покрај масивниот артилериски оган. Вистинско чудо е што има толку малку настрадани луѓе. Се тврди дека на НЛО-то се истрелани илјадници гранати, а сепак резултатот е една голема нула. „Пукањето беше како за празникот 4 јули, но многу посилно. Пукаа како луди, но како да не можеа да го допрат“, си припомнува Кати, чии сведоштва се едни од најживите документирани раскази за чудниот настан. Интересното во нејзините раскажувања е тоа дека кон непознатиот објект се упатиле воени авиони, кои потоа се вратиле.

Според официјалната верзија на армијата, ловците биле поставени во полна готовност, но не полетале.

Што прават луѓето долу за сето тоа време? Повеќето семејства се собираат на верандите да го гледаат нападот врз објектот, а некои се собират и во групи по улиците, што е нарушување на забраната која важи за вонредните ситуации. А доброволците на противвоздушната одбрана, заедно со полицијата, патролираат по улиците. Тие ги сопираат автомобилите кои се движат и им наложуваат да ги изгаснат фаровите и да паркираат што е можно побрзо. Пешаците ги насочуваат да побараат засолниште, а патот им го осветлуваат со фенери. И така со часови.

Има многу сведоштва за битката. Интересно е што е видена и доживеана од илјадници луѓе, макар што не сите се сложуваат околу тоа што се случило и што точно виделе. Затоа, подоцна ќе има десетици различни верзии за настаните во таа чудна ноќ.

Сепак, сите се сложни околу неколку нешта. По сирените, стотици рефлектори, поставени на различни точки во градот, почнуваат да го пребаруваат небото. Тоа пак е прошарано од безброј проектили, кои се забиваат еден по друг во портокаловиот објект – прекрасна, но и страшна глетка.

Артилеријата пука по нешто или нешта, кои сите ги гледаат, но различно ги интерпретираат. Стрелбата трае доста долго, но ниту еден авион не е срушен.

Еве што раскажува еден маж со иницијали Н. С., кој тоа утро во 1942 година имал 14 години:

„Противвоздушните сирени нé разбудија во 2 часот ноќта. Целиот настан го набљудував со семејството од големиот прозорец на дневната, кој гледа на запад кон заливот. По првичните сирени, за кратко време настана тишина, а потоа се чу татнежот на противвоздушната стрелба. Небото на северозапад беше целото осветлено од испуканата артилерија и рефлекторите. Се тоа се случуваше на југ, крај брегот. Се сеќавам многу добро, дека рефлекторите се собраа во сноп и го осветлија долниот дел на некакви бавнодвижечки црвеникави објекти, кои јасно летаа во некаква определена формација.

Тие беа целосно видливи, но како недопирливи за гранатите кои пукаа по нив. Уште на времето доста се интересирав за авијација. Треба да признаам, меѓутоа, дека ми беше пеколно тешко да определам какви летала точно гледам – заради пукотниците, рефлекторите и целата возбуда која нé имаше преплавено. Следните неколку денови бев многу изненаден кога разбрав дека по целата таа канонада од земјата нема никакви докази дека сме успеале нешто да собориме“.

Скот Литлтон, пак, има поинакви спомени за случката: 

„Тогаш имав 8 години и заедно со родителите живеевме во куќа на Ермоса Бич, точно на брегот на морето. Така, имавме одлична панорама кон настаните што се одигруваа. Татко ми излезе, бидејќи беше доброволец во противвоздушната одбрана, а ние со мајка ми го гледавме светлечкиот објект, уловен во сноповите на рефлекторите. Тој бавно прелета над океанот од северозапад на југоисток. Целиот инцидент се случуваше околу половина час, иако не го меревме времето. Другиот ден, како и сите деца, и јас собирав парчиња од шрапнели на брегот на океанот. Чудно е што толку малку луѓе настрадаа од нив. Во секој случај, не се сеќавам да видов група од летечки тела, како што тврдат другите луѓе, повеќе беше само еден објект со форма на ромб. На времето бевме убедени дека тоа беше јапонски разузнавачки авион и дека Лос Анџелес треба да се подготви за голем воздушен напад во скоро време.

Но тоа не се случи. Подоцна сите очекувавме воените официјални лица да ни кажат што навистина се случило онаа ноќ. Но тоа исто така не се случи…“.

ufo la
Рандом слика, за атмосфера

По Втората светска војна, Јапонија официјално изјавува дека не праќала авиони во реонот на Лос Анџелес на споменатата ноќ.

Подоцна, меѓутоа, имало мали авиони на мисии над Сиетл, но ништо поврзано со „Битката кај Л.А.“. И така, топката пак е вратена кај американската армија, која требаше да даде некакво логично објаснување за чудните случувања таа средна на 25 февруари.

Интересно е како реагираат весниците. Првиот ден, соопштенијата се лаконични, бидејќи информациите се малку. На 26 февруари Лос Анџелес Тајмс – главниот регионален весник, на насловна страна објавува статија во која нема ниту еден опис на објектот или објектите видени ноќта, иако целото тоа време биле во фокусот на рефлекторите. Еве и хајлајтс од статијата: „Армијата вели дека тревогата била вистинка“, „Мистерија е каков бил авионот“, „Нема фрлени бомби и урнат авион“, „Граѓаните тврдат дека виделе авиони и балон“.

Како реагира армијата?

Обидите да се даде брзо објаснување на инцидентот се покажуваат исто толку заплеткани и мистериозни, како и самата „битка“. Уште на 25 февруари дента, министерот на флотата Френк Нокс свикува пресконференција, на која објаснува дека инцидентот е всушност лажна тревога и се должи на „разиграни нерви“, но дека и без се можни воздушни напади и дека важните компании треба да се повлечат од брегот кон внатрешноста на земјата.

Од своја страна, западната команда на одбраната на САД првично праќа извештај до Вашингтон, според кој веродостојноста на извештаите за тоа дека биле нападнати била ставена под знак прашалник уште пред да заврши тревогата. Четвртата воено-воздушна бригада, базирана во Лос Анџелес, исто така излегува со соопштение дека според неа немало авиони над градот. Армијата сепак не ги публикува тие извештаи и чека еден ден, во кој период се сослушани многу сведоци. Врз база на нивните раскажувања, локалната команда во Лос Анџелес ја менува својата верзија за случката, и изјавува дека над градот летале меѓу еден и пет неидентификувани авиони. Военото министерство ја објавува таа информација и како своја официјална верзија. Воените официјални лица даваат и две објаснувања за тоа што би можеле да бидат тие авиони – или цивилни, насочувани од непријателот од тајни локации во Калифорнија или Мексико, или пак мали авиони, „истрелани“ од јапонски подморници.

Наводно автентична фотографија од летечкиот објект над Лос Анџелес.
Наводно автентична фотографија од летечкиот објект над Лос Анџелес.

Противречните изјави на воените лица, како и незадоволителните објаснувања, вродуваат со жива јавна дебата. Весниците настојуваат за објаснување, за да не се шири паника меѓу луѓето. Конгресменот Леланд Форд од една јавна трибина поставува прашање „дали инцидентот бил поука, или напад за заплашување на два милиони луѓе“, „дали бил напад без јасен непријател“ или „напад што имал за цел да ги збрише воените упоришта во Јужна Калифорнија“. Во остар коментар, Вашингтон Пост пак ја нарече реакцијата на властите „рецепт за фрустрација“. Според нив, армијата се заинатила во своето молчење, а објаснувањето дека цивилни авиони можеле да ја предизвикаат тревогата „објаснува сé друго освен тоа од каде дошле тие авиони, на каде си заминале и зошто американските воени авиони не биле испратени да ги пресретнат“.

На 28 февруари, Њујорк Тајмс пишува дека колку повеќе се истражува инцидентот, толку поневеројатен станува. Ако батериите пукале кон ништо, како што тврди флотата, тоа е знак за целосна некомпетентност и „расклатени нерви“. Ако пак е вистинито тврдењето на генералштабот, дека е пукано по вистински авиони, од кои некои летале на височина од околу 3.000 метри, тогаш зошто противвоздушната одбрана била толку неефективна? И зошто не се испратени американски авиони, да ги пресретнат и идентификуваат „напаѓачите“?

Сите овие прашња не добија одговор и останаа да висат отворени.

Дури по многу години, 5 обелоденети дотогаш „доверливи“ документи се на пат да дадат одговор на загатката од 25 февруари 1942 година.

Верзијата лансирана уште веднаш по инцидентот, дека станува збор за НЛО, никогаш не била сериозно оспорувана. Документите всушност откриваат дека ноќта на „престрелката“, американската армија открила два брода „за кои се смета дека се со меѓупланетарно потекло“. Освен тоа, станува јасно дека инцидентот над Лос Анџелес води кон почеток на специјален проект чија цел е да истражува заробени вонземски летала во САД. Двајцата американски претседатели – Френклин Рузвелт и Хари Труман, исто така биле информирани за тајниот проект.

Освен тоа, документите разоткриваат и постоење на Специјален комитет за вонземска наука и технологии, и демонстрираат силен интерес од страна на американската влада за поткрепа на истражување на биологијата и физиката на вонземјаните.

Документите стануваат сопственост на поранешниот маринец Тимоти Купер, кој во почетокот на 90-тите години на минатиот век барал податоци од федералните агенции за НЛО, во согласност со законот за пристап до информации. Притоа тој добил низа од официјални одговори, и на неколку пати му се доставувани документи.

На 6 септември 2000 година, Купер добива папка со документи кои се однесуваат на „Битката кај Лос Анџелес“. Во моментов тие се во сопственост на физичарот Робер Вуд, кој има работено на дизајнот на Меѓународната вселенска станица и е долгогодишен член на невладина организација за истражување на НЛО-а – наречена MUFON.

Роберт Вуд објавува пет документи кои се однесуваат конкретно на случајот од 25 февруари 1942-та.

Првиот е меморандум од 26 февруари од тогашниот шеф на генералштабот – Џорџ Маршал до претседателот Френклин Рузвелт. Во него тој објаснува дека над Лос Анџелес веројатно прелетале до 15 неидентификувани летала, кои се движеле многу бавно на височина од 3000 до 6000 метри. На нив биле истрелани 1430 гранати. Резултатот – не се фрлени никакви бомби, нема жртви меѓу армијата, не се урнати летала и не учестувале авиони на армијата или флотата. Маршал уверува дека истражувањето продолжува. Документот е со докажана автентичност и оригиналот се чува во библиотеката на фондацијата „Џорџ Маршал“ во Лексингтон, Вирџинија.

Вториот документ е издаден два дена подоцна, и е од Рузвелт до Маршал. Во него, претседателот му дава инструкции на шефот на генералштабот да преземе мерки за целосна тајност на случајот. Рузвелт особено инсистира да се направи сé што е возможно СССР да не дознае за инцидентот. Во писмото исто така има и препорака до извесен д-р Ванивер Буш „да продолжи со проектот без понатамошни одолговлекувања“. Купер добива препечатена верзија на документот, чија анализа на веродостојноста во моментов е во тек. Како и да е, синтаксата и начинот на изразување изгледаат сосема карактеристични за претседателот Рузвелт.

Третиот меморандум е означен со датум 5 март 1942 година, и е еден од најинтересните. Во него Џорџ Маршал му објаснува на претседателот дека наредил проверка на „неконвенционалните воздушни јавленија“ кои се случиле наназад до 1897 година. Копијата на документот, добиена од Купер, на места не се чита. Тој меѓутоа дава солидни докази дека армијата нашла поврзаност меѓу два објекта и Битката кај Лос Анџелес.

Две нешта се важни за тој документ.

Прво, тој покажува дека тоа е веројатно првиот пат американската армија во своја сопственост да добие заробен вонземски брод. Второ, папката во која подоцна е заведен документот носи наслов „Оддел за меѓупланетарни јавленија“. Тоа ги потврдува другите слични тврдења за постоењето на таков оддел во армијата.

Две години подоцна, во 19144 година, Рузвелт пишува меморандум (документ број 4) до Специјалната комисија за вонземска наука и технологии. Тој документ очигледно е одговор на поранешна молба за парични средства, веројатно за истражување на претходно заробените бродови во САД. Во вешто напишаното писмо, претседателот објаснува дека штом ќе бидат поразени нацистите и Втората светска војна ќе заврши, ќе има доволно финансиска поткрепа за тој проект. Важното во тој документ е што Рузвелт го потврдува постоењето и работата на таа комисија која се занимава со вонземјани. Лингвистите сé уште го анализираат документот за да ја потврдат автентичноста.

Петиот документ е од 1949 година, и е писмо од гореспоменатиот научник Ванивер Буш до претседателот Хари Труман. Буш е директор на Службата за научни истражувања и развој за време и околу крајот на Втората светска војна. Целосно логично е и да учествувал во Комисијата за  вонземска наука и технологии, а дури и да ја предводел. Со оглед на тоа што Френклин Рузвелт веќе е покоен, Буш смета за неопходно навремено да го брифира Труман за наодите на армијата од почетокот на војната, како и да го охрабри активното трагање по вонземски бродови ретроактивно според тајната програма. Во писмото од две страници јасно се истакнува дека откритијата се од полза за целата земја.

Заклучок

Иако автентичноста на некои од документите сé уште се проверува, стилот на пишување одговара на тогашните стандарди на бирократијата, а и настаните споменати во нив се историски точни.

Тие фрлаат нова светлина врз инцидентот од 25 февруари 1942 година. „На битката кај Лос Анџелес ѝ ја должиме неверојатната прецизност и зачувувањето на тајноста при операциите во кои се заробени НЛО-а и НЛО технологии по војната“, тврди Роберт Вуд.

- Реклама -