Имунитетот доделен на луѓето кои им помагаа на истражителите на воените злосторства по Втората светска војна, се покажа и како супер можност за некои од најголемите злосторници да се извлечат без да одговараат за своите злодела.
Тошио Тоно
Во мај 1945 година, непосредно пред самиот крај на Втората светска војна, Тошио Тоно е распореден во озлогласената јапонска Единица 731. Единицата била задолжена за развој и употреба на биолошко оружје. Таму Тоно правел вивисекција (операција на живо) врз кинеските и американските заробеници – им вадел очи, делови од белите дробови и другите органи, сé со цел да го проучува влијанието на морската вода врз човечкото тело. Во тоа време, Јапонците се обидувале да дознаат дали обичната морска вода може да се користи како солен раствор.
По војната, американскиот генерал Даглас МекАртур му гарантирал имунитет, па го донел во САД за да помага во развојот на биолошко оружје. Тоно оттогаш објави и книга за сé што се случувало додека бил во редовите на 731, во која тврди и дека никогаш не си ги простил направените злочини.
Курт Блом (Blome)
Научникот Блом ја предводел нацистичката програма за развој на биолошко оружје и ги надгледувал експериментите над илјадниците воени заробеници. На своите „заморчиња“ им вбризгувал антракс, тифус и колера, за да ја испита ефикасноста на потенцијалните вакцини против овие болести. Во Аушвиц и другите логори на смртта, врз затворениците правел и експерименти со отровни хемиски гасови. Во еден период работел токму и за јапонската Единица 731.
По Втората светска војна, обвинет е за воени злосторства, но на судењето во Нирнберг е ослободен од обвиненијата. Се смета дека за неговото пуштање на слобода е заслужна американската „операција Paperclip“, во која нацистичките научници се пуштани на слобода ако прифатат да работат за САД.
Додека работел за САД, Блом живеел во Западна Германија. Умрел од природна смрт во 1969 година.
Аугусто Пиноче
Чилеанскиот диктатор ја презема власта со воен удар во 1973 година. Владееше со Чиле сé до 1990 година, а остана на должност како врховен командант на чилеанската војска сé до 1998 година.
За време на неговото владеење се убиени околу 80.000 Чилеанци, од кои 30.000 биле затворени и мачени. Додека беше на власт, сам себе си доделуваше имунитет по разни основи, а под неговото будно око се воспоставени и неколку правни преседани кои му овозможија да го задржи имунитетот и по заминувањето од власт.
Со чилеанскиот Устав од 1980 година, Пиноче стана доживотен секретар, но беше уапсен во Лондон заради меѓународната потерница по него, распишана за кршење на човечките права. Следеше тешка правна битка, за чие времетраење беше вратен во Чиле. Во времето на неговата смрт во 2006 година, околу 300 обвинители го чекаа почетокот на судењето, и сé тоа заради правните пречки што ги поставуваше имунитетот кој сам си го додели во 80-тите.
Клаус Барби (Barbie)
Барби – еден од најкрволочните нацисти кои добија имунитет, беше два пати осудуван во отсуство во Франција, а кон крајот на 80-тите години на минатиот век е предаден на француските власти.
По Втората светска војна, Американците го извлекоа од Европа, а тој им помагаше во ширење на антикомунистичката пропаганда во поствоена Германија. Се верува дека тој бил еден од главните организатори на воениот удар во Боливија, а постојат и оправдани сомнежи дека ѝ помогнал на ЦИА во фаќањето на Ернесто Че Гевара, кој беше убиен веднаш по фаќањето во Боливија.
За време на Втората светска војна, Барби бил шеф на SS во Лион. Заради злосторствата направени по негова наредба или со негово одобрение, наречен е „Касапот на Лион“. Се верува дека е одговорен за смртта на околу 14.000 Евреи и други непожелни од Лион и околината.
Артур Рудолф
Запаметен како човекот кој ја осмисли ракетата Saturn V -истата таа што ги однесе првите луѓе на Месечината, Рудолф беше првиот воен злосторник на кој САД и Западна Германија ќе му гарантираат имунитет во замена за неговите истражувања.
Кога американското Министерство за правда почна да истражува како настанале нацистичките ракети V-2 со кои беше гаѓан Лондон и кои подоцна се користеа за основа на ракетната програма на НАСА, Рудолф се откажа од американското државјанство и избега од земјата. Почина во 1996 година во Германија, а дури подоцна се покажа дека тој го предводел производство на V-2 ракети во концентрационите логори.
А таму, во логорот Mittelbau-Dora во срцето на Германија, на неговите ракети присилно работеле околу 5.000 затвореници. Никогаш не одговараше за смртта на заробените работници.
Едгар Овале Малдонадо
Главен советник на претседалот на Гватемала и поранешен висок офицер во 36-годишната граѓанска војна, Едгар Малдонадо доби имунитет за злосторствата извршени под негова команда во регионот Quiche во раните осумдесетти. Под негова команда се извршени 77 масовни убиства, а останати се и бројни масовни гробници. Обвинет е за злосторства против човештвото, но не само што имунитетот сé уште го штити од нив, туку Малдонадо сé уште е член на гватемалскиот парламент.
Во јануари оваа година, гватемалскиот Врховен суд го одби барањето за одземање на имунитетот, доставено од потомците на жртвите на масовните злосторства.
Хјубертус Штругхолд (Hubertus Strughold)
„Таткото на вселенската медицина“ – како што го нарекуваат американските астронаути, самостојно го предводеше истражувањето за влијанието на патувањето во вселената врз човечкото тело и психа.
По Втората светска војна, како и добар дел од оние кои се на оваа листа, и Хјубертус заврши во САД и доби имунитет за сè што имаше правено, во замена за својот научен придонес. Во меѓувреме се дозна дека во логорот Дахау спроведувал експерименти врз затвореници во таканаречената „ладна бања“. Штругхолд ги потопувал затворениците во када полна со ледена вода и набљудувал колку време им е потребно за да умрат од студ.
Се појавија и докази дека спроведувал експерименти и на ментално болни деца. Нив, за разлика од овие во „ладната бања“, им го прекинувал дотокот на кислород, со цел да тестира колку долго е потребно за еден човек да умре од недостаток на кислород.
Широ Иши
Иши е вториот кандидат на Единица 731 на листава. Своевремено бил на чело на истата, а со оглед на тоа што Сојузниците не правеле јавни експерименти врз луѓе, му понудиле имунитет во замена за сите откритија на Единицата 731. Да, замислата била да со тоа да им помогне на Американците во развојот на биолошко оружје, ама Едицина 731 баш и немала некои посебни откритија.
Илјадници заробеници, најголемиот дел Кинези, инфицирани се со болести од типот на антракс, сакатени се и убивани, а сé тоа залудно. Подоцна е објавено и дека спроведувале експерименти на трудници, со цел да откријат дали болестите на мајката се пренесуваат на детето. Се претпоставува и дека многу деца се родени во заточеништво под капата на Иши, но никогаш не се најдени пишани докази дека некое од тие деца преживеало. Се смета дека сите деца биле убивани по раѓањето.
Хајнрих Муктер
Американските војници го фатиле Хајнрих Муктер додека бегал од универзитетот во Краков. Благодарение на „операција Paperclip“, Муктер го избегнал судењето и на крајот завршил во германската фармацевстка индустрија, во Grunenthal – производител на лекови против болки. Во Аушвиц спроведувал експерименти над заболените од тифус, но најгрозното почнува дури во поствоената развршница.
Како еден од истражувачите во Grunenthalu, тој го открил лекот талидомид. На германскиот и светскиот пазар, талидомидот е претставен како чудесен лек за трудници, кој помага околу утринските мачнини и општата анксиозност.
Четири години подоцна се покажува дека талидомидот води кон спонтан абортус, а кога тоа нема да се случи, децата се раѓаат со тешки деформитети на екстремитетите. Повеќе од половина од тие деца умирале набрзо по раѓањето.
Со истрагата се утврди дека талидомидот е откритие на Муктер уште од време на војната, и дека веројатно е тестиран на заробениците во логорите. Се претпоставува дека е откриен како противотров на бојните отрови. Тоа значи дека заробениците веројатно прво биле труени, па потоа им е даван талидомид за да се востанови дали заробениците ќе преживеат.