Водата во Стар Дојран не е безбедна за пиење поради зголемена содржина на арсен

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) извести дека согласно наодите од извршените анализи на квалитетот и безбедноста на водата за пиење од водоводната мрежа за Стар Дојран, не е безбедна за употреба и консумација од страна на човекот заради зголемена содржина на арсен. Содржината на арсен во водоводната мрежа за Нов Дојран е во дозволените гранични вредности согласно националната легислатива.

Мониторингот на квалитетот и безбедноста на водата за пиење во Стар и Нов Дојран ИЈЗ го започна од јануари 2024 година и оваа активност ја вклучи во Националната годишна програма за јавно здравје.
„Веројатно се работи за контаминација од геолошко потекло (состав на почвата) која е регионален проблем, заради што арсенот во подземната вода честопати ги надминува граничните вредности пропишани со подзаконските акти. Имајќи ги во предвид штетните ефекти на арсенот по здравјето на луѓето и животните, ве информираме дека сме во постојана комуникација со Јавното комунално претпријатие, каде стручните лица на ИЈЗ даваат стручна поддршка и помош, со цел надминување на овој јавно-здравствен проблем и заштита на здравјето на населението во општината, но, и гостите кои престојуваат во општината.“, соопшти ИЈЗ.
За проблемот известени се инспекциските служби, локалната самоуправа и регионалниот Центар за јавно здравје кој територијално ја покрива оваа област.
Јавното комунално претпријатие „Полин” Дојран прави напори за изнаоѓање на алтернативно решение за водоснабдување на населението во Стар Дојран. Од ИЈЗ нагласуваат дека сепак, потребни се сериозни инвестиции за изнаоѓање на трајно решение за водоснабдување на населението.

Извор