Популарниот српски народен пејач Шабан Шаулиќ починал во болница во Германија на 67-годишна возраст. Докторите не успеале да му го спасат животот откако доживеал страшна сообраќајна несреќа денеска утрово.
Шаулиќ во саботата настапувал во клуб во Билефелд, а несреќата се случила следното утро на пат кон аеродром. Со автомобилот управувал неговиот возач, а во возилото се наоѓал и неговиот кум, кој е повреден.
Како што пренесе германскиот портал „NW“, утрото околу 6 часот се случила сообраќајна несреќа на автопатот А2 во правец на Дортмунд, во која едно лице загинало, а уште тројца се повредени. Во несреќата учествувале две возила, а на фотографиите од местото на настанот јасно се гледа дека на едниот автомобил му е уништен предниот, додека на другиот – задниот дел.
Повредените морале да ги вадат пожарникари, а поради тоа сообраќајот бил блокиран околу пет часа. Според истиот портал, несреќата ја предизвикал пијан возач без дозвола, кој со својата Mazda удрил во Seat Ibiza-та во која се возеле пејачот и неговата придружба.
Шабан Шаулиќ е симбол на „народњаците“ и во медиумите важеше за „крал на народната музика“.