Во синоќешната акција на МВР уапсени 14 цариници, еден пензиониран цариник и полицаец

Искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, велат од МВР, цариниците во период од 21 март лани, сѐ до вчера – 15 октомври, при вршење на прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини „Ново Село“ и „Дојран“, од превозниците на стоката директно барале и примале средства во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не ги извршат претресите што би морало да ги извршат

Четиринаесет цариници, еден пензиониран цариник и еден полициски службеник се уапсени во синоќешната голема полициска акција на МВР и Обвинителството во Струмичко-гевгелискиот регион. При претресите биле пронајдени средства во износ од 50 000 евра – пари коишто биле примани како поткуп.

Акцијата под кодно име „Премин“, велат од МВР, е резултат на повеќемесечна предистражна постапка што Обвинителството во соработка со полицијата ја спроведуваше по доставена пријава од граѓанин против три лица.

„Според диспозитивот од кривичната пријава против 15 лица што Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР ја достави до ОЈО ГОКК, произлегува дека 13 од осомничените лица како вработени во Царинската управа на РСМ, а распоредени во Царинските испостави ‘Ново Село’ и ‘Дојран’ сториле кривично дело Примање поткуп по член 357 став 1 од КЗ, додека две лица се пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 од КЗ“,

информираат од Министерството за внатрешни работи.

Искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, велат од МВР, цариниците во период од 21 март лани, сѐ до вчера – 15 октомври, при вршење на прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини „Ново Село“ и „Дојран“, од превозниците на стоката директно барале и примале средства во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не ги извршат претресите што би морало да ги извршат.

„Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа. Така, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки“,

додаваат од МВР.

За кривичното дело примање поткуп во Кривичниот законик е предвидена казна од четири до десет години затвор, додека за злоупотреба на службена положба и овластување се предвидува казна затвор од шест месеци до три години, информираат од Министерството за внатрешни работи.

- Реклама -