Трговците низ САД се подготвуваат повторно да ги отворат своите врати за прв пат по еден месец, како дел од најавеното олеснување на карантинот, по новата недела со голем раст на побарувањата за бенефиции за невработеност.
Од државите Тенеси и Тексас до Охајо и Монтана, гувернерите низ целата земја најавија планови да го одобрат повторното отворање на дел од деловните активности , затворени поради мерките за спречување на ширењето на Ковид-19.
Ова предизвика бес кај експертите за јавно здравје и другите гувернери, кои предупредија дека раното повлекување на карантинот воведено пред пет недели може да предизвика нов масовен бран на зараза со коронавирус.
Дебатата се засили бидејќи пријавениот број заразени Американци надминува 870.000, и над 50.000 смртни случаи.
И покрај спротивставувањето од самата Бела куќа, гувернерот од редот на републиканците, Брајан Кемп, го одобри отворањето на спортските сали, фризерските салони, кугланите и салоните за тетоважа и масажа, а кината и рестораните ќе бидат отворени следната недела. Соседната Јужна Каролина започна да ги олабавува своите мерки во понеделникот, додека Флорида отвори дел од своите плажи минатиот петок.
Но, некои сопственици не се толку ентузијасти за повторно отворање, и покрај значителниот финансиски удар што треба да го издржат доколку не работат.
„Нема шанси да биде безбедно“, рече Мајкл Спонсел, сопственик на берберница во Атланта, главниот град на Џорџија.
„Ниту за моите бербери, ниту за моите клиенти.Ги видовме статистиките и тие не изгледаат како што треба“, изјави 39-годишникот за Ројтерс, додавајќи дека има намера да ја остави вратата затворена некое време.
Со скоро 850 смртни случаи и над 21,000 заразени, државата Џорџија се наоѓа на 11-то место според смртност од „Ковид-19“ меѓу 50-те држави во САД.
Податоците на Министерството за труд на САД покажуваат дека 26,5 милиони луѓе побарале бенефиции за невработеност во изминатите пет недели, бришејќи го силниот раст на вработеноста во најдолгиот период на економска експанзија во историјата на САД, при што невработеноста се искачи на нивоа што не се забележани од Големата депресија во 1930-тите.
Потпретседателот Мајк Пенс вчера ги повика сојузните држави да се придржуваат кон новите федерални упатства за постепено укинување на деловните ограничувања.
Неколку истражувања на јавното мислење покажаа дека огромното мнозинство Американци сакаат да останат дома за да продолжат да се штитат од можна зараза, без оглед на ефектите што ги има коронавирусот врз економијата.
Само 13 проценти од анкетираните во анкетата на ЦБС Њуз рекле дека без оглед на нумеричкиот статус на епидемијата, тие сигурно ќе се вратат на јавните места во текот на следните неколку недели ако сега се укинат ограничувањата.