Во Приштина приведен осудениот во „Монструм“ – Африм Исмаиловиќ, според неговиот адвокат се работи за грешка

Африм Исмаиловиќ – осуден на доживотен затвор во случајот „Монструм“, а по кого МВР има распишано меѓународна потерница, бил уапсен вчера во Приштина, откако бил идентификуван поради учество во сообраќајна несреќа, објави денеска порталот „Газета експрес”.

„Откако беше повикан во полициска станица за интервју, според процедурите, полициските службеници проверија дали истиот се бара за некое друго кривично дело и им се појавила потерница од 2012/2013 година издадена од Северна Македонија“, изјавил адвокатот на Исмаиловиќ – Бесник Бериша, пренесува МИА.

Според него, приведувањето е незаконско, а се случило затоа што полицаецот не бил информиран за процедурите на екстрадиција во случајот со Исмаиловиќ.

„Врз основа на оваа потерница порано Исмајловиќ и еден друг граѓанин беа уапсени во Косово, беа приведени, им се судеше и Основниот суд во Приштина, како и Апелација, ја одбија екстрадикцијата. Од тогаш Исмајловиќ беше слободен во Косово и им подлегна на процедурите за засолнување и азил. Полицаецот бил неинформиран за процедурите на екстрадикција и го известил обвинителот“, вели Бериша.

 

- Реклама -