Тимот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови работеше на прибирање на материјални докази поврзани со осомничените во случајот „Примање награда за противзаконито влијание“ (попознат во јавноста како „Рекет“), соопштуваат од обвинителството.
Извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел со едно правно лице. Извршен е претрес и во домот на второосомничениот, а претресени се и возилата што двајцата ги управувале. При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење, велат од обвинителството.
Кај првоосомничениот, меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела.
Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола.
Бидејќи се работи за обемен материјал, записниците за одземените предмети сè уште се изготвуваат, па обвинителството не може да соопшти детали, но оттаму уверуваат дека континуирано ќе ја информираат јавноста околу преземените дејствија.
Од обвинителството истакнуваат и дека до овој момент надлежниот обвинител нема разговарано со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот.