Во Португалија ќе плаќаат данок на убав поглед

pogled_lep[1]

Португалија им воведува нови давачки на сопствениците на куќи со убав поглед и со изобилство од сончева светлина, објавено е денес во португалскиот Службен весник.

Не се работи баш за нов данок – таквите куќи и станови и до сега плаќаа 5% повисок данок на имот, но со новиот закон истиот ќе биде зголемен на 20% во случаите во кои куќата или станот имаат убав поглед. Овие мерки веќе предизвикаа гнев меѓу здруженијата на потрошувачи и сопственици.

„Сé укажува на тоа дека следниот чекор ќе биде да се оданочува воздухот кој го дишиме“, рече претставникот на Здружението на сопственици на недвижнини на Португалија – Антониот Фариас Маркес.

„Одлучно сме против тие мерки, бидејќи се засноваат на субјективен критериум. Погледот од куќите може различно да се оценува“, рече за AFP Ернесто Пинто – експерт за данок од Здружението на потрошувачи DECO.

Од друга страна, сопствениците на куќи од кои се гледаат гробишта или некаква индустриска зона/фабрика, ќе добијат намалување на данокот и до 10%. Досега „попустот“ изнесуваше 5%.

За почеток, покачувањето ќе важи за сите станбени недвижнини кои се подложни на данок на имот, а потоа ќе се ограничи само на куќите поскапи од 250.000 евра.

Зголемувањето на основицата е воведено „врз основа на критериумите за социјална правда“, тврди Жоао Галамбаш – портпарол на владеачката Социјалистичка партија. „Неприфатливо е некој кој живее во подрум и некој кој живее на спрат над него, со одличен поглед, да плаќаат потполно ист данок“, истакна тој.

- Реклама -