Во пописот од 2020-та ќе нема графа за етничка и верска припадност

Во нацрт верзијата на законот за попис, а на предлог на Државниот завод за статистика, нема прашања за етничка и верска припадност. Наместо тоа ќе има прашање за јазикот, односно мајчиниот јазик и јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството. Целта е пописот да се заштити од политизација, изјави директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, на денешниот брифинг со новинарите.

„Податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа стојам на ставот дека тој не треба да биде дел од пописот“, изјави Симовски.

Нацрт законот за попис најдоцна во понеделник ќе биде ставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ (ЕНЕР), со цел да се добијат забелешки доколку има по текстот на законот. Се очекува до крајот на годинава законот да ја помине владината процедура, а во февруари 2019-та да биде донесен и од Собранието.

Пописот ќе чини 8.5 милиони евра, од кои 3.5 милиони евра ќе бидат за Пилот пописот што ќе биде спроведен во април 2019 година и за набавка на опрема, а пет милиони евра за лицата што ќе бидат ангажирани за спроведување на пописот во 2020 година.

Пилот пописот ќе биде спроведен во 32 пописни подрачја, во четири пописни кругови во осум региони. Ќе се спроведе во Гостивар, Зелениково, Кисела Вода и во Свети Николе, а ќе опфати 3.000 домаќинства.

Со пописот во 2020 година ќе се попишува населението кое е во Македонија, странците кои повеќе од 1 година престојуваат во земјава, но и отсутното население, кое е надвор од земјава повеќе од една година.

Пописот ќе се спроведува врз основа на комбиниран метод: со податоци од терен преку индивидуално попишување, и со податоци од постоечки регистри поврзани со единствениот матичен број на граѓаните.

Ќе го спроведуваат 5.000 попишувачи од локалното население, добро обучени и со познавања од ИТ технологијата, бидејќи попишувањето ќе се врши на лаптоп. Со тоа ќе се намалат трошоците, но и самото собирање и обработка на податоците ќе оди многу побрзо. Целиот процес би требало да трае не повеќе од три месеци, за разлика од пописите со хартиени прашалници, кај кои обработката на податоци може да трае и до една и пол година.

 

- Реклама -