Во Патагонија откриен нов вид диносаурус, со шилци (фото)

Пред 140 милиони години, кога диносаурусите шетале низ Патагонија, Аргентина, еден од нив веројатно бил далеку повпечатлив од другите. Се работи за неодамна откриениот Бахадасаурус (Bajadasaurus pronuspinax), кој за разлика од другите на вратот имал огромни шилци и практично изгледал како спој од бронтосаурус и еж.

Дел е од семејството на сауроподите, но од помало семејство (Dicraeosauridae) на диносауруси кои имале должина од 9 до 10 метри.

Кога научниците во 2013-та ги откриле фосилите од овој претходно непознат диносаурус, не само што нашле најголем дел од черепот, туку и цела коска од ‘рбетот. Тоа им овозможило да истражат зошто им служеле овие ‘рбетни коски. По неколкуте години истражување, стигнале до следниов заклучок: Накратко, научниците сметаат дека овие многу долги и тенки остри коски на вратот на Бахадасаурусот му служеле за да се заштити од предатори. Претпоставуваат дека биле покриени со обвивка од кератин (инаку лесно би се кршеле), како што се роговите кај цицачите, како на пример кај антилопите.

„Кога истражуваме животни кои живееле пред стотици милиони години, никогаш не можеме со сигурност да ги потврдиме причините за нивните карактеристични особини, како долгите ‘рбети, на пример“, вели палеонтологот Пабло Галина од Националниот аргентински совет за научно и техничко истражување. Сепак, објаснува тој, научниците сметаат дека овие чудни „додатоци“ на грбот можеби служеле како „едра“ за регулирање на телесната температура, или можеби месно ткиво за складирање маснотии, слично како кај камилите.

Другата теорија е дека служеле за одбрана, но не активна, туку пасивна, т.е. како вид на предупредување кон месојадите кои би можеле да ги нападнат, објаснува Галина. Особено кај Бахадасаурусите – „доаѓа месојад, гледа огромна шилеста структура и се премислува“, вели Галина, кој во продолжение можете да го видите фотографиран со модел на новооткриениот диносаурус.

via Science Alert

- Реклама -