Париз, 22 јули 2022 (МИА) – Во шумските пожари изминативе недели веќе е уништена поголема површина, отколку во пожари во цела 2021 година, објави Европскиот информативен систем за шумски пожари.
Низ Европската Унија во пожари годинава, од 16 јули, опожарени се 517.881 хектари што е нешто повеќе од 5.000 квадратни километри, што е еднакво на површината на Тринидад и Тобаго, информираше службата на ЕУ за сателитско следење.
Во 2021 година во пожари уништена е 470.359 хектари шума, главно во Италија и во Грција.
Годинава пожари беснеат во Франција, Шпанија, Португалија и во Грција за време на рекордниот топлотен бран, а со пожари се бори и Велика Британија, каде температурите за првпат во историјата надминаа 40 степени Целзиусови.
Според Европскиот информативен систем за шумски пожари, Европа може да ја заврши 2022 со повеќе опоќарени површини отколку во 2017, досега најлошата година, кога при шумски пожари беа уништени речиси милион хектари.
„Состојбата е многу полоша од очекуваното, иако очекувавме температурни аномалии во своите долгорочни прогнози. Очекуваме да биде уште полошо, не сме ни на пола пат во сезоната на пожари“, смета Хесус Сан Мигел, координатор во Европскиот информативен систем за шумски пожари.
Уништени се близу 40.000 хектари шума во пожари годинава во Франција, над 30.000 колку што изгореа лани.
Во Шпанија, каде над 500 лица го изгубија животот за време на десетдневниот топлотен бран месецов, годинава изгореа 190.000 хектари, во споредба со 85.000 минатата година.
Со високите температури што ги носи глобалното затоплување, годинава погодени се и места помалку навикнати на шумски пожари, особено во Велика Британија.
Нешто повеќе од 20.000 хектари изгореа во 2022, во споредба со само 6.000 за цела 2021 година.