Норвешка има нов министер за рибарство (Харалд Несвик). Досегашниот – Пер Сандберг, си поднесе оставка по острите критики во јавноста, предизвикани од неговите приватни патувања во Иран и Кина.
Навикнати на тукашните случувања, лесно би можеле да се залетаме да претпоставиме дека Сандберг се шетал со пари од буџетот. Ама не, не е тоа. Друго е проблемот. Сандберг е критикуван поради тоа што за своите патувања не ја известил владата, со што ги прекршил безбедносните протоколи.
Имено, министрите се обврзани да го информираат кабинетот на премиерот за тоа каде патуваат, без оглед на дестинацијата. Покрај тоа, забранета им е и употреба на службен телефон во земјите во кои Норвешка нема воспоставено безбедносна соработка.
Иран, конкретно, Норвешка го смета за земја со висок ризик, особено кога станува збор за електронски надзор. По враќањето од оваа земја, каде што бил на одмор со својата 28-годишна партнерка која по потекло е Иранка, Сандберг морал да го предаде телефонот на норвешката разузнавачка служба, за да проверат да не е хакиран.
Иако малку сме скептични дека министер за рибарство би можел да има контакт со било какви доверливи информации кои би претставувале безбедносен ризик, но ете, очигледно во Норвешка е доволно министер да ги прекрши правилата за да си даде оставка. Колку наивно!
виа Макфакс