Во невремето во Скопје повредена жена, паднати дрвја, оштетени возила и кровови, откачени кабли од бандери

Според добиените пријави во Центарот за управување со кризи (ЦУК) како последица на невремето кое попладнево го зафати Скопје паднати се 16 дрвја, оштетени се три возила, регистрирани се седум откачени кабли од бандери, три кровови се оштетени, како и регистрирана е повреда на едно лице.

Од ЦУК информираат дека во моментов се известуваат и координираат надлежните служби од општините и Град Скопје, за постапување по пријавите за штети и опасности.
„На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) се добиени повеќе пријави за штети и информации за опасности за граѓаните и околината, настанати од невремето во Скопје, што зафати дел од градот. За сите пријавени случувања и итни случаи на 112, преку Секторот за операции и координација во ЦУК се известуваат и координираат надлежните служби од општините и Град Скопје за постапување по пријавите за штети и опасности. Засега билансот, според прводобиените пријави и информации на 112 во ЦУК е следен: дрвја паднати 16; возила оштетени 3; кабли откачени од бандери 7; откачени и оштетени кровови 3 и повредени 1“, соопштуваат од ЦУК.
Оттаму информираа за добиените пријави со конкретни адреси и места каде се случиле.
„Добиена е пријава за паднато дрво врз жена на улицата, во близина на пекара Пастел на Локација: Булевар Свети Климент Охридски, 66, Скопје. Известени се ИМП и Полиција за натамошна постапка. Паднато големо дрво од непознат вид врз бандера со кабли од струја кои искрат во моментот во населба Сопиште. Материјални штети во моментот нема, ниту повредени лица. Скинат кабел од бандера на улица „Ѓорѓи Капчев“, Скопје. Четири паднати дрва поради невремето на локација Воен базен на патот према касарната. Пријава за пожар од спој на жици од електрична енергија, гори сува трева и камион. Локација ДСМ- Ортопедика населба Карпош. Пријава за откачен лим од приватна куќа, на улица „Јуриј Гагарин“, во Скопје. Добиена е пријава за навалено големо дрво, каде преставува опасност да падне во паркот каде има малолетници на локација улица „Јуриј Гагарин“, Скопје. За паднато дрво на улицата по која движат возила на локација улица „12-та Македонска Бригада“, Скопје. Добиена е пријава за паднато дрво врз патничко моторно возило марка Сузуки. На булевар „Видое Смилевски – Бато“, Скопје. Пријава за паднат кабел од невремето во уличката кај влез на паркинг на УКИМ. Пријава за дрво кое што е закачено на бандера со кабли од струја и за кое постои опасност да падне врз гаража во близина. Пријава за голем метеж во сообраќајт на булевар „3-та Македонска Бригада“, Скопје. Добиена е пријава за скршена липа и падната врз орев на улица „Душан Тасковиќ“, Скопје“, стои во соопштението на ЦУК.

Извор