Во моментов сите решенија се на маса и се бара најдоброто, вели Филков за најавените реформи во Судскиот совет

Министерот за правда додава дека официјална средба со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во рамките на Министерството за правда, не е направена, но оти се надева дека во периодот кој следува ќе се најде време за дијалог

Во моментов сите решенија се на маса и се бара најдоброто, вели министерот за правда, Игор Филков во интервју за дневниот весник „Вечер“ во врска со најавените реформи од Владата во правосудуството и распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители. 

Министерот за правда, Игор Филков во интервјуто за дневниот весник „Вечер“ / Фото: Министерство за правда

Според министерот, само со коренити реформи може да се создаде судство според мерка на правото и законите. Се помалку од тоа, вели тој, би било декларативна заложба или политички популизам.  

Во врска со Судскиот совет, Филков во интервјуто вели дека  дел од реформите според се веќе планирани и што од сето тоа ќе биде спроведено, ќе зависи од анализата на функционалноста како систем. 

„Потребата за реформи е очигледна. Нефункционирањето на правосудниот апарат го гледаат и го чувствуваат на своја кожа и граѓаните, посебно оние што се во самиот систем, суштински и правно. Се бараат реформи кои посебно се однесуваат на работата на Судскиот совет, нешто што и ние го увидовме, при евалуација и зголемување на транспарентноста на дисциплинските постапки. Дел од овие реформи се веќе планирани и што од сето тоа ќе биде спроведено, ќе зависи од анализата на функционалноста како систем“,

вели министерот за правда. 

Филков додава дека официјална средба со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во рамките на Министерството за правда, не е направена, но оти се надева дека во периодот кој следува ќе се најде време за дијалог. 

Говорејќи за Судскиот совет, министерот вели дека тие како Влада и како Министерство го гледаат Советот како комплетно независно тело кое во одлуките се раководи од индивидуалната дисциплинска одговорност на неговите членови.  

„Ние апелираме на нивната професионалност и посветеност на законските парадигми и токму во таа насока е и оваа реформа. Затоа, иницираме постигнување независност којашто ќе произлезе токму од самите судии и обвинители, тие да ги изберат членовите и да ја понесат моралната, професионална и правна одговорност во тој избор. Во Судскиот совет не треба да влијаат предлозите од владата, од парламентот, од претседателот. Ние даваме простор, сега Судскиот совет со самостојни одлуки, прво за својот состав, да ја потврди својата независност. Дадовме и време но од нивна страна сè уште нема никаков одговор, предлог или одлука“,

вели министерот.  

Тој смета дека индивидуалната одговорност ќе има многу поголем ефект од колективната, која, како што наведува, може да не втурне во еден опасен лавиринт од кој ќе биде тешко да се излезе.

„Но, во моментов сите решенија се на маса и се бара најдоброто“,

вели Филков кој доаѓа од партијата ЗНАМ, која е дел од владејачкото мнозинство.  

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ уште за време на изборната кампања најави дека доколку дојде на власт по изборите, меѓу другото, ќе го распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители поради потребата од длабоки реформи во правосудниот систем и во државната администрација. 

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на 20 август имаат средба во Владата, по која премиерот рече дека останува на ставот дека ова судско тело, заедно со Советот на јавни обвинители, треба да биде распуштено.  

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пак, по средбата изјави дека судската и извршната власт не треба да се гледаат како соперници, туку дека токму меѓусебната институционална соработка е важен чекор во поглед на враќање на довербата кај граѓаните. 

- Реклама -