Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

Во Македонскиот народен театар започнаа подготовките за претставата „Хенгинг Араунд“ во режија и адаптација на Бојан Трифуновски, по текст на Љупчо Јованов.

Главните ликови 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) во оваа приказна се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овој пат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна…

Целото дејство се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни.

Во претставата играат: Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Премиерата на претставата ќе биде кон средината на април 2024 година, со која се одбележуваат 79 години од првата  одиграна претстава на сцената во МНТ.

- Реклама -