Кога ќе ти понудат сендвич-сладолед, нормално е да очекуваш сладолед стиснат меѓу две-три корнет-вафли, како оние што можеш да ги купиш од било која продавница. Ама во Мексико, ќе се зезнеш. Таму ќе го добиеш буквалното значење на изразот – сендвич лепче, и во него сладолед.
Уличните продавачи во разни делови од Мексико продаваат tortas de nieve веќе со години, ама светот забележа дури сега, откако едно видео од мексикански сладоледџија стана вирално на социјалните мрежи. А на видеото – лепче во кое си навикнат да гледаш плескавица и компири, ама наполнето со шест топки сладолед.
Никој не знае кој точно го измислил „мексиканскиот“ сендвич-сладолед, но трагите го одведоа новинскиот вебсајт Antena TV до една стара слаткара во Xonacatlan, Estado de Mexico, која го служи веќе 60 години. Семејството кое ја поседува тврди дека сендвич-сладоледот почнал како експеримент, но на луѓето толку многу им се допаднала комбинацијата од леб и сладолед, што се решиле да го вметнат во редовната понуда на слаткарата.
La Deforma пишува дека добар трик за да се направи филот од сладолед покремаст, е да се попрска лепчето со малку сол. Солта прави сладоледот да се растопи побрзо, и создава (наводно) интересна благо-солена комбинација од вкусови. Што се однесува до рецептот, нема некаков конкретен. Секој сладоледџија става состојки и вкусови по свој терк, од чоколада и ванила, па до овошни и карамела.
Мало интернет пребарување покажува дека Мексико не е ексклузивен дом на сендвич-сладоледот. На Филипините исто така ставаат сладолед во леб, а слично нешто имаат и во Виетнам, само што таму го ставаат во традиционални лепчиња со додаток од дробени кикирики.
Па ете, ако после релативно долг заеднички живот еден ден го фатите партнерот/ката скриен во кујна, со леб во едната рака и со сладолед во другата (познаваме луѓе на кои им се има случено), не паничете. Мексиканците го прават тоа најмалку 60 години.