Кога животот е во опасност, секој се снаоѓа како знае и умее. Тоа, очигледно, важи и за животните. Во бурата која го зафати северниот дел на Западна Австралија, еден Австралиец снимил жаби што спасот го нашле, верувале или не, на грбот на питон.
Стопати сме виделе змии да јадат жаби, ама не сме виделе жаби да „јаваат“ змија. Истото важело и за Пол Мок додека не го снимил видеово.
„Отидов до езерото и видов дека прелива. Голем број жаби кои живеат на брегот се обидуваа да побегнат. Тогаш го здогледав Монти, нашиот локален питон, како на грбот има неколку автостопери“, раскажува тој за BBC.
Не дека 3.5-метарскиот питон Монти е некаква локална легенда, но добро му е познат на Пол и неговото семејство, зашто често го гледаат на својот имот:
„Добро го знаеме Монти. Најчесто се движи во близина на нашиот базен и ја плаши мојата сопруга кога излегува да пружи алишта“.
Сепак, Монти делува како доста паметна змија. На пример, бил доволно паметен да не ги изеде жабите што му се качиле на грбот. Можеби во тоа има улога фактот што овие жаби кои живеат во тој предел имаат отров што може да биде смртоносен дури и за поголеми животни, како змии и крокодили, наведува BBC.