Во Кенија почнува најголемиот експеримент со универзален основен приход во историјата

GiveDirectly – хуманитарна организација која финансира директни трансфери на кеш до сиромашните села во Источна Африка уште од 2008 година, во понеделникот објави дека и официјално го лансирале најголемиот експеримент со универзален основен приход (UBI) што некогаш е спроведен во историјата.

Од 13 ноември 2017-та, 40 села (околу 6.000 луѓе) добиваат по околу 22.5 долари месечно по човек, безусловно, и така ќе биде во текот на 12 години. Други 80 села ја добиваат истата сума, но во текот на 2 години, други 80 ќе добијат еднократен износ еквивалентен на сума за две години, а 100 други села ќе служат како контролна група и нема да добиваат пари, но ќе бидат вклучени во анализите и собирањето на податоци.

Се очекува студијата да вроди со најобемниот сет податоци  и знаења досега, особено околу тоа што се случува кога на луѓето ќе им дадеш „бесплатни“ пари, без никакви услови. Дали ќе престанат да работат? Дали ќе почнуваат бизниси? Дали повеќе ќе ги трошат парите на дрога и алкохол? Или на образование?

Во студијата ќе се собира и широк распон на податоци од самите заедници – за да се види дали финансиската сигурност ќе редуцира други негативни аспекти на сиромаштијата, како насилство и кражби.

„Последните 19 месеци откако објавивме дека планираме да го тестираме универзалниот основен приход беа извонредни“, вели Џо Хјустон од GiveDirectly. Иако идејата сé уште нема мејнстрим присуство какво што веројатно заслужува, одамна е многу жестока. За најголемите скептици, основниот приход е „безумен акт на самосаботажа“ (на општеството). За најголемите ентузијасти, пак, UBI е меѓу најдобрите нешта што можат да му се случат на 21-от век, еквивалент на тоа што граѓанските и политичките права значеа за 20-от век.

Како и да е, идејата очигледно е релативно нова, доволно нова за допрва да учиме за неа. Во Оукленд, Калифорнија, стартапот Y Combinator неодамна ја заврши пилот студијата во која неколку луѓе добиваа по 1.000 до 2.000 долари месечно. Сега планираат да лансираат многу поголем експеримент во две држави, некаде во 2018-та.

„Сега ни е време да си ја работиме работата и да почекаме за да научиме“, пишува Хјустон. „Очекуваме првата рунда резултати да ги добиеме за година-две, а потоа нé чека уште повеќе од декада учење и следење на вклучените заедници“.

- Реклама -