Кукање, а не акција – се чини е главното животно мото на македонскиот граѓанин, но има мал проблем: сите сакаат да кукаат, никој не сака да слуша кукање. Е токму на основа на таа контрадикторна реалност Таканобу Нашимото во Јапонија започнал бизнис во 2012-та, и до ден денес ни за момент се нема покаено.
Сте посакале ли некогаш едноставно да се изнакукате и да му се пожалите на некој кој ќе има разбирање и едноставно ќе ве сослуша? Ossan Rental на Нишимото тоа ќе ви го овозможи за само околу девет долари.
За само 1.000 јени сервисот на Нишимото ќе ве поврзе со „ossan“, кому цел час ќе можете да му се жалите, доверите, кукате, да му ги раскажете своите проблеми и потешкотиии… За оние кои сакаат, достапно е и советување.
Зборот „оssan“ во Јапонија се користи за постари мажи (40+ години), а знае да има и дерогативно значење – чест стереотип е дека средовечните имаат пивски стомаци, не водат сметка за хигиената, им опаѓа косата, дека манијачат млади девојки, дека секогаш им солат памет на помладите…
Такви коментари Нишимото слушнал и еден ден додека се возел во метро, од некоја јапонска средношколка, па во моментот му се родило желба да му покаже на јапонското општество дека „ossan“-ите можат да бидат и добри, прекрасни и корисни луѓе. Оттаму желбата прераснала во конкретна идеја да создаде сервис чија цел ќе биде да ги сослуша токму средовечните луѓе, пред сè мажи, кои очигледно не наидуваат на многу разбирање во јапонското општество. Така се родил „Ossan Rental“.
Меѓутоа, бизнисот набрзо се развил во правец што Нишимото не го очекувал, па денес сервисот го користат сите генерации и, како што вели Нишимото, се чини сите имаат нешто да се пожалат.
„Мислев дека најмногу ќе ми се јавуваат мажи, но сепак се покажа дека тоа се жени на возраст од 20 до 50-ти години“, вели тој.
Судејќи според корисниците на Ossan Rental, Јапонците најмногу се поплакуваат на кариерата и љубовта, но често имаат потреба и да се пожалат на лоша услуга во некој угостителски објект, некој разочарувачки тренд во општеството, концепт што ги разочарал…
Нишимото, патем, продолжува да вработува главно постари луѓе. Верува дека тие имаат многу трпение и животно искуство кое можат да го поделат со младите. Тоа е, се разбира, една од клучните вештина потребни за неговиот сервис, кој денес во просек го користат околу 900 луѓе месечно.