Изградбата на првата фабрика за летечки автомобили во Гуангжу – главниот град на покраината Гуангдонг во јужна Кина, почна вчера, објавија кинеските медиуми.
Компанијата „Икс-ПЕНГ Аерохт“ (XPENG AEROHT) и нејзиниот оддел за производство на летечки автомобили „Икс-ПЕНГ“ ќе бидат првите во светот за масовно производство. Тука првично ќе се произведува леталото наречено „Копнен носач на авиони“, опишано како воздушен модул за летечки автомобил.
– До крајот на годината, компанијата треба да почне со продажба на летечкиот „Копнен носач на авиони“, за којшто се завршени тестирањата и тест-летовите со екипаж уште во септември, изјави Жао Дели, основач на компанијата.
Според наводите, првиот погон со капацитет од 10.000 единици годишно ќе биде сместен на површина од 18 хектари.