Во малиот парк на градскиот плоштад во Гостивар започна уредувањето на спомен обележје за шеснаесетте загинати во сообраќајната несреќа кај скопско Ласкарци. Уредувањето започна денес со засадување на шеснаесет дрвца од родот „тиса“.
Од ЈП Градски паркинзи и зеленило информираа дека излегле во пресрет на барањето на роднините на загинатите и дополнително го уредија просторот за оваа намена.
„Ја поддржавме оваа иницијатива и дадовме придонес. Дел од просторот во малиот парк ќе биде хортикултурно уреден во наредниов период со што тој ќе претставува достојно место што ќе го чува споменот на трагично изгубените животи“, рече Сенад Асани, директор на ЈП Градски паркинзи и зеленило.
Соња Аврамоска – мајка која го загуби синот единец, и еден од иницијаторите, порача да се сочува споменот на загинатите, а ова место да биде симбол на една љубов.
„Овие шеснаесет дрвца претставуваат симбол на една љубов. Едно дрво, еден живот, едно срце за сите, а сите шеснаесет во нашите животи ќе бидат вечно. Да се сеќаваме, да не се заборави и да не се повтори никогаш повеќе“, рече Аврамоска.
Синиша Ристоски, чиј брат загина во автобуската трагедија, потсети на процесот кој четврта година се води пред судовите за да се утврди вината и за како рече во случајот кој задал тежок удар врз нив и целиот град.
„Овој период е тежок и мачен заради маратонскиот судски процес, кој влијае врз здравјето на сите нас. Тој е заплеткан во судските лавиринти и како да се чека да избледнат сеќавањата и да се заборави на трагедијата. Сепак, се надеваме дека вистината и правдата ќе бидат изнесени на виделина“, рече Ристоски.
Локалната самоуправа ќе даде придонес во уредувањето на спомен обележјето и предвидува поставување на спомен-плоча и табли со натписи со имињата на загинатите.