Во Германија запленети 2.100 лажни рачни часовници наменети за Македонија, оригиналната вредност би им била 176 милиони евра

Повеќе од 2.100 фалсификувани луксузни часовници во транзитна пратка за Македонија се запленети во четвртокот на аеродромот во Франкфурт, јави дописникот на МИА од Белград..

По запленувањето се појавија сомнежи за автентичноста на ваквите вредни предмети кои пристигнале со пратка од Хонг Конг.

Дванаесет пакети биле на пат кон Македонија, а биле транспортирани преку аеродромот во Германија.

„Да беа оригинали, часовниците би вределе околу 176 милиони евра“, се вели во соопштението на царинската служба, пишува Дојче веле.

Цариниците ги пронашле часовниците во октомври, но квалитетот на фалсификуваните часовници бил толку висок што царинската служба побарала мислење од 11 производители на луксузни часовници.

„Често лажните часовници не можат да се препознаат на прв поглед, а единаесет изворни производители го потврдија сомнежот дека се работи за фалсификати“, изјави Кристи Штрас, портпаролка на царината на аеродромот во Франкфурт.

Таа додаде дека лажните часовници веќе се уништени.

Минатата година главниот царински оддел во Франкфурт покрена постапки за дури 8.958 гранични заплени.

Царинските службеници запленија часовници, лекови, телефони, електроника, облека, обувки, но и производи за лична нега и играчки за деца.

МИА

- Реклама -