Израелската полиција денеска уапси пет ортодоксни Евреи осомничени дека плукале по христијанските верници во Стариот град во Ерусалим.На видеото објавено пред два дена, може да се види како група христијани ја напуштаат црквата носејќи дрвен крст и поминуваат покрај група религиозни Евреи, а некои од нив плукаа на земја во правец на христијаните.
– Тоа е апсолутно за осуда. Мора да се прекине. Ние сме против тоа, изјави израелскиот министер за полиција Итамар Бен-Гвир, при тоа додавајќи дека мора да престане и „клеветењето на Евреите“.
Според израелските медиуми Бен-Гвир пред да стане политичар го оправдувал плукањето по христијаните „како древен еврејски обичај“.
Инцидентот го осуди и премиерот Бенјамин Нетанјаху и ултраортодоксните еврејски политичари, кои ја отфрлија идејата дека плукањето е еврејска традиција и верски императив.
Против инцидентот се изјаснија и главниот ашкеназиски рабин на Израел, Дејвид Лау, и министерот за религија, Мајкл Малкиели, од партијата Шас на ултраортодоксните Евреи.
Меѓутоа, военото радио на Израел објави дека голем број млади Евреи поддржуваат таквото однесување.
МИА