„Алепо“ – сапунот од маслиново масло, е светски познат вид на рачно направен сапун. Се прави целосно од природни производи, без каква и да е синтетика, па е познат по корисните својства за кожата, дури и за најчувствителната. Го препорачуваат и за псоријаза и екзема.
Името му доаѓа од сирискиот град Алепо, каде што почнува да се произведува уште од 8-от век пред нашата ера. Некои од најстарите најдени рецепти датираат уште од 2400-тата година п.н.е., но и без тоа Алепо се смета за првиот сапун некогаш направен. Градот, пак, е лоциран во северозападниот дел на Сирија и со векови бил исклучително силен трговски центар. Се смета дека во Европа сапунот прв пат доаѓа преку Крстоносните војни.
Се прави од само 3 состојки: маслиново масло (околу 82%), ловорово масло (околу 12%) и сода (вода и алкален раствор). Традиционалниот начин на добивање е доста тежок. Семејствата кои го произведуваат ги чуваат деталните рецепти во тајност, но основата е таа, а технологијата на изработка е следнава:
Маслиновото масло се става во големи казани вградени во земјата, заедно со водата и содата. Под огромниот сад се пали оган, а смесата се загрева, за да зоврие. Готвењето трае три дена, за кое време маслото взаемно реагира со водата и содата, и се добива густ течен сапун.
Маслото од ловоров лист се додава на самиот крај на процесот. Потоа готовата смеса се излева врз восок хартија, која е поставена на подот. Така, во својот првобитен вид, сапунот всушност претставува рамна зелена плоча, која треба да се лади еден ден.
За тоа време, работниците поминуваат по неа со дрвени плочи, за да се изрезба.
Следниот ден се сече на калапи и на секој од нив се печати името на производителот. Се редат во дијагонални редови, меѓу кои се остава простор, за да има максимален допир со воздухот.
Откако ќе се исушат, калапите се оставаат во подземни простории, за да отстојат. Тој процес трае помеѓу половина и една година. Во тоа време, сапунот поминува низ различни хемиски реакции. Содржината на влага се намалува, затоа и сапунот е тврд и издржлив.
Денес, производството му е сосема поинакво и прилично лесно – сапунот поминува низ ладен процес. Сепак, задржани се најважните состојки – 100% природно маслиново масло и масло од ловоров лист. Колку поголема е содржината на маслото, толку поскап е сапунот.
Оригиналниот Алепо може да се препознае на неколку начини. Секој калап има тркалезен печат и арапски знаци на една од двете страни. Производителите го ставаат жигот со чекан. Бојата му е златно-кафена од надворешната страна, а внатре може да е зеленкаста и има карактеристичен мирис.
За разлика од останатите, овој сапун не потонува во вода, освен ако маслото од ловоров лист во содржината надминува 50% – тогаш не може да плута, бидејќи густината е различна.