Софија, 2 јануари 2022 (МИА) – Присуството на омикрон варијанатата на коронавирусот е потврдено кај 12 лица од различни возрасти, изјави главниот државен здравствен инспектор на Бугарија, Ангел Кунчев, врз основа на извршени тестирања во Националниот центар за инфективни болести.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, новиот сој е откриен кај девет мажи и три жени. Седуммина од нив не биле вакцинирани, а другите пет се целосно имунизирани пред девет месеци.
Според Кунчев, може да се очекува омикрон значително побрзо да се шири во Бугарија и веројатно ќе стане доминантен во земјата.
За изминатите 24 часа во Бугарија има 1.076 новозаразени со коронавирус, што е 14,5 отсто од направените тестирања.
„Од сите позитивни примероци, 4.4 проценти имаат потврдено присуство на сојот омикрон“, истакна главниот државен здравствен инспектор.
Само еден од заразените со новата варијанта на вирусот патувал во Британија, од каде неодамна се вратил.