Проблемот со барањето на „Достоинство“ за законско решение за бранителите е во тоа што во тој закон има проблем во усогласеноста со други закони, велат од Владата откако лидерот на партијата – Стојанче Ангелов, предупреди на потенцијално напуштање на владејачката коалиција доколку нивното барање не биде прифатено.
Од Владата тврдат дека тоа е единствениот проблем и дека работат на решение кое ќе биде законски усогласено.
„Овде се работи за едно законско решение што го имаме разговарано со претседателот на ‘Достоинство’, меѓутоа таму постои одреден проблем на усогласеност со други закони. Се обидуваме да изнајдеме решение што ќе биде законски усогласено, бидејќи да изгласате закон што не е усогласен со други закони, на крај можете да направите проблем да не може да се реализира или да мора да се враќа назад одредено законско решение. Само од тие причини е, не е по некоја друга линија на соработка“, тврдат од Владата.
Извор: МИА