Во Азија пушат скорпии

scorpio

Да, звучи бизарно, ама пушењето скорпии во јужноазиските земји не е ништо ново. Сепак, во последно време, барем според медиумите, трендот зема сé поголем замав, најмногу во некои делови на Пакистан. Наводно, отровот од скорпијата го води пушачот до состојба на интензивен „хај“ и со тек на време се станува многу зависен.

Како уствари се пуши скорпија? Прилично лесно, едноставно и ефективно – мртвата скорпија се суши на сонце неколку часа, а ако е жива се пече на жар. Исушеното мртво тело потоа се пали, а чадот се вдишува. Зависниците всушност се во потрага по отровот на скорпијата, кој е складиран во опашката, па чест метод е и да се издроби исушената опашка, која потоа се меша со хашиш и тутун, па се пуши во форма на цигара. Со други зборови, џоинт од дробена опашка од скорпија.

Во својата книга од 2007 година – „Дрогите во Авганистан“, социологот Дејвид Мекдоналд меѓу другото пишува и за негов пријател кој од прва рака ги искусил ефектите на чадот од скорпија: „Ефектот настапува инстантно, а лицето и очите на пушачот стануваат силно црвени, многу повеќе отколку кај човек што пуши хашиш. Тој исто така изгледаше многу интоксициран, ама буден и свесен, иако се тетеравеше и падна кога проба да стане од седечка позиција… Чадот има ‘посладок’ вкус од тој на хашишот, иако мириса лошо. Ефектот на интоксикација траеше многу подолго“, вели описот во книгата.

scorpion-tail[1]

„Хај“-от, имено, може да трае и до 10 часа. Се вели дека првите 6 се болни, бидејќи телото сé уште се прилагодува на супстанцата, но потоа чувството полека се ублажува и преоѓа во уживање, а подоцна – во интензивно задоволство. „Сé изгледа како да танцува“, доловува Собат Кан – 74 години стар поранешен пушач на скорпии. „Танцуваат патиштата, возилата, сé пред мене“.

Собат бил зависник уште во своите 20-ти години – купувал скорпија за една или две рупии од продавач кој ги носел од областа Пешавар во Авганистан (богата со скорпии заради топлото време). Во пикот на својата зависност, знаел и да лази по земјата во своето село, барајќи да улови скорпија за да ја испуши. Кога потребата била огромна, а не успевал да најде, знаел и самиот да отпатува до Пешавар. „Тоа беше најлошата форма на зависност“, вели Кан.

Експертите се согласуваат дека отровот од скорпија е многу опасен за човековиот мозок; многу повеќе од другите дроги, особено кога е вдишан. „Пушењето скорпии предизвикува краткотрајно и долгорочно губење на меморијата“, објаснува др. Азаз Џамал – медицински офицер во Khyber Teaching Hospital. Според него, пушењето предизвикува халуцинации, а долгата изложеност на чад од скорпија може да предизвика нарушувања во сонот и апетитот, ама и трајна делузија.

PicMonkey-Collage-20[1]

Сепак, тешко е да се регулира зависноста од скорпии во Пакистан, главно бидејќи има многу малку официјални статистики и многу малку истражувања на ова поле. „Ни требаат закони за да го спречиме убивањето на скорпиите“, вели Аземула – поранешно официјално лице на одделот за контрола на наркотици во областа Khyber Pakhtunwala. Проблемот со убивањето на скорпиите за потребите на зависниците е тоа што сé помалку се достапни за потребите на медицинските истражувања и терапијата.

Пушењето скорпии е сé уште редок феномен на глобално ниво, ама во Пакистан, Авганистан и делови од Индија претставува евтина и лесна забава за младите. „Заради нашата успешност во борбата со дилерите и зависниците од алкохол, опиум, сируп за кашлање и хероин во урбаните области, младите луѓе во голем број се упатуваат кон автопатите, за да го пробаат новиот тренд на опашки од скорпии“, вели еден полицаец од градот Баруч.

Во меѓувреме, еден познат локален зависник по име Умер Гул – за кој велат дека се откажал од животот во име на пушењето скорпии, талка бесцелно по улиците на градот Карак, често застанувајќи да зјапа во празно, притоа мумлајќи си нешто за себе. „Умер беше војник во армијата“, раскажува брат му. „Понекогаш со другарите знаеше да пуши малку хашиш, ама никогаш не сметав дека тоа е голема работа. Но, наскоро почна да пуши скорпии и тотално го изгуби менталното здравје како резултат на зависноста. Ја напушти работата и почна да пројавува чудни навики. Скорпиите се многу токсични. Затоа е брат ми ваков“.

Во некои делови од Индија, зависниците одат и чекор подалеку и преферираат подиректен и поболен метод на добивање на својот „фикс“ – доброволно се подложуваат на бодежи од скорпија. За тоа плаќаат по 1.5-2 долара, од бодеж. Други преферираат да се дрогираат со честите домашни гуштери, кои ги мелат во фин прав и потоа ги мешаат со опиум за да ги користат како дрога. Се смета дека гуштерот во прав ги подобрува седативните ефекти на опиумот, водејќи до супериорна интоксикација.

Во меѓувреме, со скорпии почнуваат да експериментираат и младите од Западот…

scorpion-smoking[1]

Ваквите приказни доведуваат во контекст една многу добра поента – дека криминализацијата на дрогите е бесцелна, бидејќи очајните луѓе секогаш ќе најдат нешто во што ќе најдат хемиско задоволство. Ако не е дрога, тогаш се скорпии. Ако не се скорпии, тогаш се гуштери, ако не се гуштери, тогаш се милион други работи.

- Реклама -