ВМРО-Народна партија со загриженост ги следела последните настани од прославата на Илинден во Крушево, со кои, како што велат од партијата, овој голем македонски државен празик наместо да биде предмет на сплотување и заедништво, се претворил во настан кој разединува, создава конфронтации и ја зголемува внатрешната омраза помеѓу луѓето од различните политички структури.
„Но очигледно ова не се случува само оваа година туку со децении наназад; ако го анализираме прославувањето на Илинден во Крушево, очигледно од година во година се повторува истото непишано сценарио на поделби“, посочуваат од ВМРО-НП.
Со цел да се надмине, како што велат, ова сквернавење на овој најголем македонски државен празник, од партијата предлагаат веќе од идната година политичките говори при одбележувањето на Илинден да бидат изоставени, а во Крушево да има само културно-уметничка прослава на која, се надеваат од ВМРО-НП, граѓаните од сите политички бои ќе дојдат обединети. Политичкиот дел, пак, односно политичките говори, да останат само во рамките на претседателската резиденција, Пелинце или евентуално на некоја свечена академија, предлагаат тие.
Од ВМРО-НП се надеваат дека согласност и поддршка за идејата ќе добијат и од другите политички структури и дека истата ќе биде добронамерно прифатена од сите политички субјекти.