ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја остави државата на цедило, а сега се ситат и прават поени од пожаритe

Ги повикуваме СДС и сите други политички партии да покажат одговорност и да престанат да ги злоупотребуваат состојбите со пожарите за политички цели, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека „сите треба да работиме заедно во интерес на граѓаните и државата и да обезбедиме безбедност и поддршка за оние кои се најмногу погодени“

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / фото: „360 степени“

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат на соопштението на опозицискиот СДСМ дека власта е неспособна да се справи со пожарите и велат дека СДСМ се претвора во партија која секогаш бара начин да ги политизира дури и најсериозните кризи за да добие политички поени.

„Постои чудна корелација помеѓу интензитетот на пожарите и нивото на радост во редовите на СДС. Колку е полошо, толку врхушката на СДС е посреќна, што само ги открива нивните вистински намери и неписмена неодговорност. Второ, соочени со оваа криза, ВМРО-ДПМНЕ ја изразува својата поддршка до сите пожарникари и сите други кои се во првите редови борејќи се со огнот. Нивната храброст и пожртвуваност се непроценливи и ние стоиме заедно со нив во овие тешки времиња. Дополнително, ги повикуваме сите граѓани и политички субјекти на единство и соработка во борбата против пожарите, наместо да користат трагедиите за политички напади“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека во времето кога СДСМ беше на власт, институциите биле девалвирани и не им се посветувало соодветно внимание на критичните капацитети за справување со пожари.

„ВМРО-ДПМНЕ ја презеде иницијативата за враќање на канадерите и повторно функционирање на центарот за обука на пилоти, со што значително се подобри нашата способност за борба против пожарите. Чевтрто, ги повикуваме СДС и сите други политички партии да покажат одговорност и да престанат да ги злоупотребуваат состојбите со пожарите за политички цели. Сите треба да работиме заедно во интерес на граѓаните и државата и да обезбедиме безбедност и поддршка за оние кои се најмногу погодени. Петто, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на заштита на граѓаните и поддршка на сите напори за справување со пожарите и ќе продолжиме да работиме на подобрување на нашите капацитети и поддршка на храбрите пожарникари и спасувачи“,

додаваат од партијата.

Претходно денеска од СДСМ побараа премиерот Христијан Мицкоски да излезе на терен и обвинија дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски покажува неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи.

- Реклама -