ВМРО-ДПМНЕ попладне треба да ги утврди и објави имињата на кандидатите за министри во идната влада

Своите кандидати за министерските и заменик-министерските позиции во идната влада досега официјално ги соопштија Движењето Беса, Алтернатива, кои се дел од коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок и партијата на Максим Димитриевски – ЗНАМ

На седници закажани за денеска доцна попладне, Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги утврдат кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ што пред партиските тела ќе ги претстави лидерот на партијата и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Најавата за седниците, по кои се очекува да биде заокружен списокот на кадровските решенија што ќе ја сочинуваат идната владата, неделава во изјава за медиумите ја соопшти Мицкоски. Официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.  

Од партијата што ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“ досега формално не ги соопштија кадрите кои ќе седнат во министерските фотелји на Илинденска број 2, иако во јавноста се шпекулира со конкретни имиња. 

Владата, која по донесувањето на Законот за нејзина реорганизација, наместо досегашните 16 ќе брои 20 министерства, ќе биде составена од преставници на коалициите „Твоја Македонија“ и „Вреди“ и од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, чиј лидер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.  

Опозиција, како што изјави мандатарот Мицкоски на 12 јуни, ќе бидат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, „Колацијата за европска иднина“ на СДСМ и политичката партија Левица.  

Инаку, своите кандидати за министерските и заменик-министерските позиции во идната влада досега официјално ги соопштија Движењето Беса, Алтернатива, кои се дел од коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок и партијата на Максим Димитриевски – ЗНАМ. 

Синоќа, од Алтернатива преку писмено соопштение информираа дека централното претседателство одногласно донело одлука за министер за европски прашања да го предложат ексдиректорот на МЕПСО и на „Македонски железници-Транспрот, Орхан Муртезани, а Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата ги предлага за заменик-министри во министерствата за образование и наука и заетнички заедници.

Кандидатите за министри и заменик-министри што ги предложи Алтернатива / Фотоколаж: „360 степени“

Завчера своите предлози за министри министерствата за правда и за јавна администрација ги соопшти Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, од каде за министер за правда е предложен Игор Филков, додека кандидат за прв човек во Министерството за јавна администрација е  Горан Минчев. 

Од партијата на Максим Димитриевски соопштија дека преговараат и за две заменик-минситерски места, но ресорите не се дефинирани, а од нивните редови е еден од тројцата потпретседатели на Собранието – пратеничката Весна Бендевска. 

Ден претходно, односно во четвртокот, своите кандидати за раководните позиции во три ресори ги соопшти Движењето Беса. Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам.    

Претседателот на Демократско движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, во понеделникот најави дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари ќе биде министер за здравство.   

Според Меџити, сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи, кој беше од крилото на Таравари во Алијансата за Албанците. 

Новата влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена кој почна да тече од  6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот за формирање нејзино формирање. 

- Реклама -