Непосредно пред закажаниот почеток во 15:00 часот на продолжението на седницата за уставните измени, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одржи прес конференција во Собранието на Република Македонија.
На пресот, Антонио Милошоски побара веднаш да се гласа за уставните измени, и власта да престане со намерното и очигледно одолговлекување кое, според Милошоски, трае веќе 19 дена. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа прашањето веднаш да се стави на дневен ред, и со тоа да се види, велат, дека нема обезбедено двотретинско мнозинство, како што неофицијално потврдија во теков на денов пратеници од СДСМ и ДУИ.
Милошоски истакна дека волјата на народот била јасно изразена на референдумот, и дека никој не може и не смее да оди против истата. Затоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот и нема да гласа „за“ уставните промени, порача Милошоски.