Образложението за неподдржување на законот, според Стојановски, е што со тоа „се продолжува дневно-политичкото препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба“
Предлог-законот на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи нема да биде поддржан од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најави денеска пратеникот од редовите на владејачкото мнозинство Бојан Стојановски.
Образложението за неподдржување на законот, според Стојановски, е што со тоа „се продолжува дневно-политичкото препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба“.
Стојановски рече дека претходната Влада четирипати одбила такво законско решение.
„Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2 000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот“,
рече тој.
Според него, апсолутно нема врска со вистината тоа дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари.
„Да ги слушаа синдикатите и да имаа посериозна комуникација со нив, ќе знаеја дека тоа не е вистина, бидејќи цената за храната за 30 дена се намали за 965 денари. Манипулацијата со цената на минималната синдикална кошничка ја прави Венко Филипче, искористувајќи го покачувањето на цената на облеката, којашто воопшто не е во иста кореспонденција за она што нам ни е укажано“,
рече Стојановски.
За Предлог-законот што денеска СДСМ го поднесе во Собранието, Стојановски рече дека нема да придонесе за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку дека тој е за креирање на дневно-политички теми.
Тој рече дека предложеното законско решение е полно со технички грешки, за кои рече дека пратениците од СДСМ ќе се извинуваат и ќе ги поправаат на наредните прес-конференции.
„Веројатно сè уште неосвестениот богаташ од Дубаи, предложува законско решение коешто исто како и претходно предложеното, е со низа на грешки. Прво, со промашен процент за минималната плата, едноставно, како што беше напишан не можеше да влезе во собраниска процедура. Сега поднесува законско решение, со коешто, замислете, ќе се намалувало ДДВ на храната“,
вели Стојановски.
Тој го повикува Венко Филипче и пратеничката група на СДСМ, денеска да почнат да го разгледаат Буџетот за 2025 година, којшто треба да влезе во собраниска процедура и да ја закажат собраниската расправа, а не, како што рече, да бегаат од собраниска расправа.
„Да ги видат ставките за покачувањето на пензиите, за покачувањето на платите, за капитални инвестиции. Да дадат амандмани коишто ќе бидат сериозни и коишто ќе може да се поддржат. На тој начин најдобро може да придонесат за подигнување на стандардот на граѓаните. Да ги напуштиме ваквите политички тези коишто немаат врска со реалноста и да се фокусираме на конкретни работи коишто може да го подобрат стандардот на граѓаните“,
рече Стојановски.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска во Собранието поднесе Предлог-законо за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност со кој се предвидува укинување на пет отсто данок на додадена вредност на основните прехранбени производи, со што месечно граѓаните би штеделе од 1 200 до 2 000 денари.
Како што информираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче во Предлог-законот се предвидува укинување на ДДВ за прехранбените производи, односно од 5 отсто на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана и оти во предлогот се опфатени над 250 категории производи.
Филипче од Собранието критикувајќи ги владините политики што беа применувани за основните прехранбени производи ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да дадат поддршка на законот.