ВМРО-ДПМНЕ: Муслиу од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДСМ, безобразно е да зборува за мерит-систем

Од партијата оценија дека етничката припадност на доскорешниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу е завеса зад која тој ја крие својата неспособност, злоупотреба и партиска пристрасност. Тешка манипулација, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е неговата одбрана со етничката припадност како можна причина за смена од позицијата

Безобразно и некоректно е Еролд Муслиу да говори за професионализам и мерит-систем – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако доскорешниот директор на Агенцијата за разузнавање обвини оти шефицата на државата потпаднала под партиски притисоци и го разрешила без законска оправданост и согласно мерит-системот.

„Човекот (Еролд Муслиу) од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДС, организирајќи хајки, напади и пресметувајќи се со ВМРО-ДПМНЕ. Воедно, Агенцијата предводена од Еролд се пресметуваше со новинари, медиуми и личности кои го критикуваа криминалот на СДС и ДУИ. Муслиу со такво портфолио може да се кандидира единствено за лидер на СДС наместо да рони солзи за неговото разрешување“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата оценија дека етничката припадност на Муслиу е завеса зад која тој ја крие својата неспособност, злоупотреба и партиска пристрасност. Тешка манипулација, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е неговата одбрана со етничката припадност и дека тоа е можната причина за смена од позицијата.

„За неговото работење доволно говори податокот дека додека Муслиу е директор, неговата сопруга со помош на владата доаѓа до грант од 620 000 евра. Во која НАТО-земја сопруга на директор на служба добива 620 000 евра грант за работа која е дејност на службата на сопругот?“,

пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.

Претходно денеска Еролд Муслиу објави дека шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова го разрешила од директор во Агенцијата за разузнавање. Обвини оти претседателката потпаднала под партиски притисоци и оцени дека во случајот со неговото разрешување отсуствуваат законска оправданост и мерит-системот.

- Реклама -