ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ си игра со верските и етничките чувства на граѓаните, додека беше на власт не ѝ пречеше што Јени џамија се користеше како галерија

„Ова е уште еден пример како ДУИ злоупотребува верски и етнички чувства лажејќи и поигрувајќи си со вака сензитивни теми, за да го отргне вниманието за сопствениот лоповлук. Иако вистината е дека ниту на ДУИ му е вистински гајле за Јени џамија, ниту, пак, имаат некакво национално или верско чуство и толеранција“, велат од партијата

Од 2011 година до пред пет месеци, ДУИ беше на власт 13 години, и за сите 13 години не ѝ сметаше што Јени Џамија е објект споменик на културата и што се користел како галерија – реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако Демократската унија за интеграција претходно денеска изрази загриженост за одлуката за отворање на Музејот на христијанското и исламското културно наследство во битолската Јени џамија, која по долги години ископувања и реставрирања, од вчера повторно е во употреба.

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје / Фото: Архива

„Првите археолошки истражувања и ископувања на споменикот на културата Јени џамија започнале во 2003 година. Ова е период кога, меѓу другото, и ДУИ е на власт. Тогаш во внатрешноста на Јени џамија се откриени темелите на средновековната катедрална црка ‘Св. Ѓорги’. Во 2011 година Врховниот суд донел одлука Јени Џамија да биде во владение на РМ, а ѝ се доделува на користење на НУ Завод и музеј-Битола. Цели 13 години не било проблем за ДУИ што објектот бил истражуван и користен за различни поставки“,

коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.

За иронијата да биде уште поголема, реагираат од партијата, за отворањето на музејот од страна на Исламската верска заедница, поточно од муфтијата, на реверс биле отстапени два Курани, што моментално се изложени во музејската поставка во објектот во кои е презентирано културното наследство на двете религии.

„Ова е уште еден пример како ДУИ злоупотребува верски и етнички чувства лажејќи и поигрувајќи си со вака сензитивни теми, за да го отргне вниманието за сопствениот лоповлук. Иако вистината е дека ниту на ДУИ му е вистински гајле за Јени џамија, ниту, пак, имаат некакво национално или верско чуство и толеранција“,

додаваат од владејачката партија.

И првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, инаку поранешен функционер од ДУИ, рече ден пред славење на Денот на албанската азбука, партијата на Али Ахмети решила да го проблематизира прашањето околу Јени џамија само за, како што вели, да избега од одговорноста што ја чека.

Претходно денеска ДУИ и ИВЗ изразија загриженост за одлуката за отворање на Музејот на христијанското и исламското културно наследство во битолската Јени џамија. Џамијата датира од 16. век, а археолошките ископувања покажаа дека во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална црква во Битола „Свети Ѓорѓи“, но и христијанска некропола. При вчерашното отворање на Музејот, објектот беше најавен како симбол на соживотот во Битола.

- Реклама -