„Антибугарскиот бран и омразата кои се истурија врз пејачот со бугарско државјанство, покажуваат дека нашата непопустливост околу членството на земјата во ЕУ е целосно правилна“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Ваквата остра позиција, како што велат од партијата, е поради скандалот од оваа страна на границата поради видео-клипот со бугарското знаме и интервјуто во кое Васил признава „дека има бугарски корени и има бугарско државјанство“.
„Да се потсетиме дека назад низ годините претставници од сите други етнички заедници на територијата на државата беа учесници на тој музички форум. Калиопи – влаинка, Тијана Дапчевиќ – граѓанка на Србија, Адријан Гаџа – албанец, Есма Реџепова – циганка. Обратете внимание и на уште еден факт – албанското знаме, кое се вее над многу јавни згради и лични имоти во цела Македонија, исто така не е проблем за никого таму.
Зошто само бугаринот Васил Гарванлиев и бугарското знаме се покажаа како ‘скандалозни’ за Скопје? За нас одговорот е јасен и тој е диктиран од измислената македонистичка идеја и непрестајните обиди од страна на политичарите таму да ја манипулираат историјата и бугарската самосвест да ја користат за репресии. Слични перверзии врз бугарите, какви што сведочиме денес, се правеле и во мрачните години за време на Коминтерновската влада врз Бугарија и бугарите од Пиринскиот и Вардарскиот крај по 1944 година.
Да ги потсетиме и на уште нешто браќата ни од таа страна на границата. Живееме во 21-ви век, Југославија не постои и ако тие сакаат да станат дел од Европската унија, треба да заборават на големомакедонистичката идеја и лажната ‘македонска нација’, вештачки создадени во болшевичката лабораторија на Сталин, со помошта на Георги Димитров во полза на Тито“, се вели во соопштението на партијата на Каракачанов.
Од ВМРО-БНД додаваат дека нема да го толерираат таквиот однос кон Гарванлиев, па дури и се „закануваат“ дека ако тој не биде претставник на Македонија на овогодинешната Евровизија, тие ќе направат напори веќе следната година тој да ја претставува Бугарија.
„Евровизија е музички конкурс на слободните и талентирани млади луѓе. Тоа што се случува со претставникот на РС Македонија на Евровизија – Васил Гарванлиев, не кореспондира на било каков начин со европските вредности кон кои официјално Скопје тврди дека се стреми.
Ние од ВМРО нема да го толерираме изливот на јавните расположенија против Гарванлиев само затоа што тој не крие дека има и бугарски пасош – како близу 100.000 наши браќа таму. И ако дојде до тоа младиот пејач да биде отстранет од фестивалот, ние ќе ја повикаме Бугарија да го испрати како свој претставник следната година. Додека ВМРО е во бугарскиот парламент, ние нема да допуштиме милитантен србомакедонизам во ЕУ“, се вели во соопштението.