Бојан Јовановски ноќта ја поминал на интензивна нега во болницата 8 ми Септември. Ова за Телма го потврдува неговиот адвокат Сашо Дуковски кој вели дека нема повеќе информации за неговата здравствена состојба.
Директорот на истражниот затвор Есад Рахич вели дека затворскиот лекар вчера му го напишал упатот за на лекар по што биле известени дека тој ќе биде задржан.
За сега е неизвесно до кога ќе има лекарски третман. Директорот на болницата не одговара на телефонските повици.
Во меѓувреме адвокатот на Јовановски вели дека размислува да го повлече барањето за јавна седница на која треба да се одлучува по жалбата за притворот. Според Дуковски ако состојбата му е влошена тогаш Боки 13 не може да присуствува на седницата.
Инаку Апелациниот суд треба денеска да го добие мислењето од Вишото јавно обвинителство за притворот на Јовановски по што ќе одлучува дали да му се укине или не. Од тројцата одбинети во случајот „Рекет“ само тој остана со мерка притвор додека, Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец ќе се бранат од домашен притвор.