Влатко Стојкоски е именуван за нов директор на Државниот пазарен инспекторат

Досегашниот директор на ДПИ, Трајковски во телефонски разговор за „360 степени“ рече дека од неофицијални извори има информација за владината одлука, но сè уште нема добиено решение за неговото разрешување од функцијата

Горан Трајковски нема веќе да раководи со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) откако на вчерашната владина седница за нов директор на оваа институција е именуван Влатко Стојкоски, потврдиле вечерва од Владата за МИА.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Досегашниот директор Трајковски, како што објави државната новинска агенција, е разрешен поради промена на кадрите од страна на новата Влада.  

Од Владата засега нема официјално соопштение за назначувањето на нов директор на ДПИ и разрешувањето на досегашниот, но потврда дека има смена на директорската позиција во оваа институција дојде од заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.  

Тој во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, говорејќи за ефектите од есенската потрошувачка кошница соопшти дека вчера е назначен нов директор на ДПИ.  

„Мерката е одлично замислена, меѓутоа имаше одредени манипулации, одредени трговци или производители кои сакаа да ја изиграат мерката, меѓутоа Пазарниот инспекторат се надевам дека претходниот период сериозно си ја заврши работата и во одредени моменти постапи или со опомени или со казни, коишто не беа мали – од 800 до 10 000 евра во зависност од големината на маркетите. Се надевам дека Пазарната инспекција и во иднина ќе има многу поголема контрола и ќе прави контроли во сите овие трговски пунктови каде се продаваат прехранбените производи, со цел да можеме да ги регулираме цените, да бидат на едно задоволително ниво за граѓаните. Од вчера имаме нов директор, така што мислам дека можеби мерките ќе дадат и подобри резултати. Ќе видиме“,

рече Ристески.  

Досегашниот директор на ДПИ, Трајковски во телефонски разговор за „360 степени“ рече дека од неофицијални извори има информација за владината одлука, но сè уште нема добиено решение за неговото разрешување од функцијата. Вели дека чека, како што налагаат законските прописи, да добие решение за разрешувањето и одлуката да излезе во Службен весник.  

Досегашниот директор на Државниот пазарен инспектират, Горан Трајковски / Фото: Принтскрин (Архива)

Трајковски за в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат беше именуван кон средината на декемри 2022 година од тогашната Влада предводена од СДСМ. Тој на функцијата ја наследи Анета Симеска-Димоска која, исто така, беше разрешена. 

- Реклама -