Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини оти СДСМ ликува на тоа што земјава е заглавена во евроинтеграциите. Опозицискиот СДСМ, пак, како директно одговорни за одвојувањето на С Македонија од Албанија, ги посочи ВМРО-ДПМНЕ и, како што велат, штетните политики на нивниот лидер и премиер Христијан Мицкоски
Власта и опозицијата и денеска си разменија меѓусебни обвинувања во врска со последната одлука на земјите членки на Европската Унија за одвојување на Албанија и С Македонија од евроинтеграцискиот пат.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини оти СДСМ ликува на тоа што земјава е заглавена во евроинтеграциите.
„СДС напорно работеа прво да бидеме ставени во ист кош со Албанија, а потоа и Албанија да не претрка. СДС свесно работат Македонија да биде заглавена почнувајќи од договорите потпишани од Заев, завршувајќи со криминалот и корупцијата кои царуваа седум години со СДС. Радоста на СДС нема да трае, Македонија оди напред. Со ВМРО-ДПМНЕ следува економска трансформација, владеење на право и просперитет“,
велат од партијата на Христијан Мицкоски.
Опозицискиот СДСМ, пак, како директно одговорни за одвојувањето на С Македонија од Албанија, ги посочи ВМРО-ДПМНЕ и, како што велат, штетните политики на нивниот лидер и премиер Христијан Мицкоски.
„Сега, после државниот дебакл што ѝ го приредија на земјата, по раздвојувањето на Албанија од Македонија, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги прави граѓаните будали. После сите блокади, после сите опструкции, деструкции, кочења, после сите можни изјави на Мицкоски од типот ‘не благодарам’ во ЕУ, денеска ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ. СДСМ ги реши отворените спорови, обезбеди членство во НАТО и ја донесе Македонија пред прагот на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ цело време ги блокираше сите овие процеси, попречувајќи ја европската интеграција на земјата“,
наведуваат во писменото соопштение од опозицискиот СДСМ.
Оттаму додаваат оти последниот чекор којшто требало да се охрабри и да го направи ВМРО-ДПМНЕ не е направен поради одлуките и бизнис интересите на Мицкоски и неговите соработници.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ едногласно одлучија Албанија на 15 октомври годинава да го отвори првиот преговарачки кластер, со што и официјално се одделува од С Македонија на евроинтеграцискиот пат.