„Ако некоја црква била повод за поделби или недоразбирања, нашава нека биде веригата за обединување на Цариград и Москва и општо на православието. Мислам дека може да биде ако од тоа сѐ што досега се случувало извлечеме наворлучение – Македонија била јаболко на раздорот, а македонската црква нека биде синџирот за обединување на православието“, рече Владиката Петар, митрополит Преспанско – Пелагониски, администратор Австралиско – Новозеландски, во „Само интервју“ вечерва на Канал 5 телевизија.
Говорејќи за одлуката на Вселенската Патријаршија да ја тргне шизмата над нашата црква и да ја признае како канонска и валидна, Владиката Петар упати благодарност за донесената одлука и порача дека да се признае црквата како Охридска Архиепископија не треба да нѐ загрижува. За нас е битно, истакна, дека ние сме признаени како црква.
„Да ја чувствувале своја и Бугарите и Грците и Албанците и Србите ќе ја обновеле, но никој не ја обнови, затоа што не ја чувствувале своја. Сега кога ние ја обновивме оти ја чувствувавме своја, апсурдни се некои констатации“, изјави Владиката Петар во однос на коментарите објавени во медиумите од некои во соседните држави.
Прашан што доколку не се најде решение во разговорите со СПЦ, тој потенцира дека „сме на прав пат и се надева дека поскоро ќе дојде обединувањето на поделбите помеѓу Москва и Цариград“.
Владиката Петар ја начна и темата за пописот. Според него, операцијата била политичка – за да биде вистински, вели, има начин и методологија да се направи.
„Ние можеби ќе треба сега да си направиме наш попис – православните според крештениците – и да се утврди колку православни има во Републикава и колку нѐ има во дијаспората“, рече меѓу другото Владиката Петар, додавајќи оти сигурно две третини се надвор од татковината.
МИА