Владата на Македонија вечерва одржа седница, при што донесе повеќе одлуки врзани со топлотниот бран и состојбата со пожарите. Во продолжение ги пренесуваме целосно донесените одлуки:
– Се донесе одлуката за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари
– Периодот на постоење на кризна состојба е во траење од 30 дена.
– Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.
– Се задолжува Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба.
– Се задолжува Министерството за финансии да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.
– Да се информираат Претседателот и Собранието за донесената Одлука за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари согласно член 31 од Законот за управување со кризи.
– За операционализација на Одлуката за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари, а врз основа на дадениот предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Владата му предлага на Претседателот да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба.
– Се задолжува Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи, да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата.
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување.
Истовремено, Владата упатува апел до граѓаните за внимателност при движењето во шуми и шумските појаси и областите зафатени со пожари.
За ова, се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ – П.О. Скопје, за наредната седница на Владата да информира за состојбите и потребата од ограничување на движењето на лица во шумите и шумските појаси.