Владата започнува со процес на редовно информирање на јавноста за мерките кои се преземаат за ублажување на економско-енергетската криза, како и за тековните одлуки што ќе ги носи за нејзини надминување, со цел избегнување на лажни вести и дезинформации кои служат за создавање паника и несигурност кај граѓаните, најави денеска советникот на премиерот за енергетика Виктор Андонов.
„Многу е важно во вакви кризни услови граѓаните да добиваат навремени и проверени информации. Затоа ги споделуваме сите важни информации за јавноста и ја подигнуваме транспарентноста на највисоко ниво со цел да направиме сериозен исчекор за спречување на ширење на лажни вести и шпекулации, а со тоа да спречиме и ширење на непотребна паника кај населението“, рече Андонов на денешната прес-конференција во Владата.
Тој препорача дека сите без исклучок треба да штедиме електрична енергија со цел да го зачуваме електроенергетскиот систем на земјава и додаде дека сите имаме одговорност за побрзо и поефикасно справување со кризата.
„Сега е време кога мора рационално да ги користиме енергенсите и да бидеме солидарни. Сега е време за солидарност, разбирање и соработка. Потребно е да направиме мала промена во домот и на своето работно место која ќе значи многу за енергетскиот систем. За да имаме утре, мора да штедиме денес“, рече Андонов.
Тој посочи дека вчера од домашните капацитети повторно се задоволени сто отсто од потребите за електрична енергија на граѓаните и на малите потрошувачи.
„Дневното производство на електрична енергија на ЕСМ изнесува 11.083 мегават часови, од кои во термоелектраните се произведени 8.940 мегават часови, а од хидроелектраните и Ветерниот парк Богданци 2.143 мегават часови електрична енергија. Со тоа се обезбедени сто отсто од дневните потреби на регулираниот пазар. Ја следиме состојбата на дневно ниво и редовно ќе го споделуваме со јавноста овој енергетски биланс“, потенцира Андонов.
Тој повика сите да бидат внимателни и рационално да ја користат електричната енергија со цел намалување на потрошувачката.
„Со штедење си помагаме себеси, а во исто време им помагаме на институциите за полесно справување со енергетската криза. Секој заштеден киловат час електрична енергија придонесува за добро функционирање на енергетскиот систем и за да го избегнеме најцрното сценарио, а тоа се рестрикциите. Со солидарност ќе обезбедиме сигурност за сите“, посочи Андонов.
МИА