Владата потврди за Грчева, Котлар и Трајанов, фотелји и за уште 27 нови директори и функционери

Откако Владата ја повлече одлуката за именување на осудениот криминалец Ибрахим Ељези за КПУ Казнено-поправен дом „Идризово“ со отворено одделение во Велес, вчера на таа позиција го именуваше Наим Љамалари. Тој на оваа функција доаѓа од кадровското одделение на Заедничките служби на Клинички центар

Солза Грчева ќе го реформира високото образование, Павле Трајанов ќе биде национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, а Наташа Котлар е нова директорка на Државниот архив. Владата ги официјализира вчерашните неофицијални сознанија за изборот на нови функционери во кабинетот на премиерот Мицкоски.

Според владиното соопштение, на седницата одржана вчера именувани се вкупно 28 нови директори и функционери. Еден од нив е Кујтим Ибиши. Тоа е новиот директор на Управата за финансиско разузнавање, позиција за која првиот вицепремиер Изет Меџити се пофали дека по првпат ја добива партија на Албанците.

Фото. Седница на Владата на Република Северна Македонија

Од познатите имиња се издвојува политичкиот аналитичар од Институтот за креирање на политики и добро владеење, Башким Бакиу, кому му е доверена функцијата директор на Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи универзитетски клиники, завод и ургентен центар (т.н. Заеднички служби на Клиничкиот Центар).

Поранешниот директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа Африм Ќоку е именуван директор на Државниот девизен инспекторат.

Фатон Фазлиу, близок соработник на Африм Гаши, кој работеше како шеф на кабинетот на министерот за култура Асаф Адеми, а потоа и како советник за односи со јавноста на поранешниот директор на МЕПСО, Орхан Муртезани (сега министер за евроинтеграции), вчера е назначен за директор на Управата за водење на матични книги.

Кадар од Алтернатива, досега директор во транспортната компанија „НОТА МИ“ од Куманово, Арсим Идризи, ќе биде прв човек на Инспекторатот за употреба на јазиците. Инаку, како што пишува на неговиот профил на социјалните мрежи, тој има докторска титула која ја стекнал на Универзитетот за библиотечни науки и информациски технологии во Софија, Република Бугарија.

Партијата на Гаши преку Бехар Емини ќе раководи и со Фондот за осигурување на депозити.

Неџмедин Садики, кој своевремено го предводеше Државниот испитен центар, сега е назначен за директор на Агенцијата за нафтени резерви.

Интересен е и податокот дека поранешниот професор во гостиварската гимназија, а подоцна директор на ОУ „Наим Фрашери“ од Неготино – Полошко, Бејтула Камбери, станува прв човек на Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Претпоставка е дека тој е кадар на Таравари, како што е и новиот национален координатор за примена на нови технологии Блерант Рамадани.

Откако Владата ја повлече одлуката за именување на осудениот криминалец Ибрахим Ељези за КПУ Казнено-поправен дом „Идризово“ со отворено одделение во Велес, вчера на таа позиција го именуваше Наим Љамалари, кој на оваа функција доаѓа од кадровското одделение на Заедничките служби на Клиничкиот центар.

Нов директор има и Државниот завод за статистика. Апостол Симовски ќе го замени поранешниот заменик-директор (во владата на Груевски) на оваа институција, Дејан Станков.

Маре Богева-Мицовска се враќа во Бирото за јавни набавки. Таа раководеше до оваа државна институција од 2006 до 2014 година.

Игор Лазаревски ќе ја предводи Управата за хидрометеоролошки работи, а Никола Додов е избран за директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Дипломираниот политиколог и магистер по културологија Даниела Станковска Плачковска е именувана за директор на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Доскорешниот директор на скопското Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, инаку кадар на Социјалистичката партија, согласно владината препорака треба да биде директор на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен”, а заменик ќе му биде Мевлан Марина.

Со Јавното претпријатие за водоснабдување „Студенчица’’ од Кичево ќе раководи Александар Петрески, а со „Стрежево“ од Битола, Вера Бешлиеска. Нејзин заменик ќе биде поранешниот пратеник и директор на МЕПСО, Сурија Рушиди.

За заменик-директори се именувани Димитар Богески во Државниот архив, Маја Ковачева во Агенцијата за лекови и медицински средства, додека Афрона Вервизоли е именувана за в.д. главен ревизор на Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

- Реклама -