„На вчерашната владина седница не се разговараше за продолжување на пописот. Последниот збор околу продолжувањето ќе го има Државниот завод за статистика“, рече денеска портпаролот на Владата – Душко Арсовски.
Тој на прес-конференцијата, во одговор на новинарско прашање, посочи дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утре вечер.
Како што рече, во моментов се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани, и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје.
„Последниот збор ќе го има Државниот завод за статистика, информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концентрација на население“, додаде владиниот портпарол.
Како што рече Арсовски, сите расположливи капацитети на попишувачи се на терен и ги посетуваат домаќинствата кои досега не биле посетени.
Оваа активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е до утре, четврток, до 20 часот.
Денеска и министерот за правда – Бојан Маричиќ, рече дека ДСЗ „дава максимални напори“ до крајот на утрешниот ден да се комплетира пописот.
„Наша цел е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан“, рече Маричиќ, потенцирајќи дека досега се попишани речиси 1.8 милион граѓани.
„Има уште време до утре, тоа што го знам е дека одредени реони се целосно попишани и тие попишувачи кои ја завршиле работата таму доаѓаат во реони каде што се уште има потреба да се врши пописот. Отворени се дополнителни пунктови каде граѓаните сами можат да се попишат доколку не биле најдени дома или од некоја причина досега не се попишани“, истакна министерот.
Тој додаде дека се во постојана комуникација со Заводот за статистика и врз основа на нивните проценки и информации ќе носат одлуки за понатаму.
„Наша цел е пописот да се заврши во законски предвидениот рок, доколку има било што друго навреме ќе ја известиме јавноста“, заклучи Маричиќ.